Без никакво објаснување авиокомпанијата Виз Ер го одложи стартот на летовите Меминген-Охрид. Иако линијата беше најавена во месец јануари, а картите веднаш беа пуштени во продажба, патниците кои уредно купиле карти изминатите месеци, кон крајот на мај беа непријатно изненадени кога најпрво без било какво известување, им беа сменети дестинациите на нивните електронски карти. За по неколку дена да добијат мејлови во кои им се нудат опции.

  • Картата по електронски пат ја купив во февруари и требаше на 8-ми јули да летам од Охрид за Меминген, за што добив и потврда за купената карта на мејл. При онлајн чекирање за друга дестинација, случајно забележав дека на купената карта за Меминген, стои друга дестинација, односно Базел, а беше променат и датумот на враќање. Никакво известување немав добиено од авиокомпанијата. Дури по неколку дена ми пристигна мејл во кој се нудат опции-враќање на пари или промена на летот, раскажува патничка.

И покрај уредно доставени прашања до авиокомпанијата Виз Ер, по изминати повеќе од десет дена, редакцијата на OhridNews нема добиено било каков одговор и објаснување зошто е извршена промената и најавените летови не се реализираат на најавениот датум.

Од ТАВ Македонија, објаснуваат дека промените во денови и во времиња на пристигнување и/или заминување на летовите на која било авиолинија/рута, се прават од страна на авиокомпаниите.

  • Кај нас, како аеродромски оператор, штом ги добиеме информациите од авиокомпаниите, таквите промени се рефлектираат во аеродромските системи, велат од ТАВ Македонија.

Со слично објаснување и од министерството за транспорт и врски, од чија страна беше распишан тендерот за нов превозник кој ќе реализира евтини субвенционирани летови до охридскиот и скопскиот аеродром.

  • До нас компанијата има обврска само да прати барање за овозможување на лет, што е и процесирано, а за понатамошните промени околу почеток на летовите немаат обврска да не информираат, доколу нивниот старт е во рамки на договорениот период, велат од министерството за транспорт и врски.

И додека патниците се принудени да ги менуваат своите планови и да бараат други опции како да стигнат до Германија, на официјалната страна на Виз Ер сеуште стои најавата дека летовите Охрид- Меминген ќе почнат на 1 јули.

Најавените летови до Меминген-Германија ќе се реализираат два пати во неделата, во петок и понеделник.

Т.Кувенџиска