Советничката на Левица во Советот на Општина Охрид, Виолета Аврамоска, поднесе иницијатива за воведување на мерката „Една членарина по семејство“, со која семејствата што истовремено имаат две или повеќе деца запишани во јавните детски градинки ќе плаќаат само една месечна членарина.
Со оваа иницијатива се предлага значително олеснување на финансискиот товар за родителите, преку принципот едно семејство – една членарина, без разлика дали две или три деца истовремено престојуваат во јавна градинка. Мерката би важела само во периодот кога децата истовремено посетуваат градинка, а по престанокот на престојот на постарото дете, семејството повторно би плаќало една редовна членарина за помладото дете, посочувaат од Левица во иницијативата.
Велат дека локалната самоуправа треба активно да ги поддржува младите семејства преку конкретни мерки што ќе придонесат за намалување на трошоците за воспитување на децата.
Ваквата политика ќе обезбеди директна финансиска поддршка за семејствата со повеќе деца, ќе придонесе за поголема социјална сигурност на родителите и ќе претставува дополнителен поттик за подобрување на демографската слика. Очекуваме оваа иницијатива да добие поддршка од сите советнички групи, бидејќи станува збор за мерка што директно го подобрува животниот стандард на семејствата со деца и претставува вложување во иднината на Охрид, додаваат.
OhridNews










