Лидерите на парламентарните партии, кои вечерва по завршување на дијалогот за подобрување на работата на Собранието наречен процес „Жан Моне“, имаа заедничка вечера во ресторан во центарот на Охрид, воздржано ги коментираа шпекулациите кои се појавија по вчерашната средба на премиерите на Македонија и Грција, Заев и Ципрас, во Софија, дека Илинденска Македонија е предлогот околу кој наводно била постигната согласност во рамки на преговорите за решавање на спорот за името со Грција.

Претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека ставот на партијата ќе го даде после лидерската средба закажана за утре во Скопје.

– Што се однесува на прашањето за името, да ја почекаме утре лидерската средба, после неа ќе имаме став и позиција. Засега немам став, јас сум сериозен човек, за сериозни теми сакам да располагам со сериозни информации. Не би сакал да претпоставувам ниту да одговарам на хипотетички прашања. Гледаме оптимизам, песимизам, и од грчка и од македонска страна прилична какафонија, така да ја почекаме лерската средба и ќе добиете одговори. Лично мене ми се допаѓа Република Македонија. – рече Мицкоски.

Зијадин Села, лидерот на Алијансата на Албанците рече дека многу е важно ако постои договор меѓу Македонија и Грција да се искористи тој момент и да се отвори евроатлоантскиот пат на Република Македонија, но не се согласува со историската квалификација во наводно предложеното име.

– Македонија е секуларна држава и по секоја цена тоа треба да се чува. Ако веќе сме имале проблеми кои датираат од третиот век пред нашата ера, не треба да се враќаме на 9-от век пред нашата ера. – рече Села.

И лидерот на движењето БЕСА Билал Касами рече дека се уште не добиле официјална информација околу предлог решението за името.

– Официјалниот став на БЕСА е името да ја рефлектира реалноста на општеството во државата Македонија, а тоа е мултиетничноста и мултиконфесионалниот карактер. Секое друго име не ги претставува сите граѓани на Република Македонија. Лично сметам дека треба да остане ова име, Република Македонија, се друго треба да биде предмет на нов договор со сите. – рече Касами.

Лидерите на ДУИ, Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи не го коментираа наводното предлог решение за спорот со името со кој шпекулираат медиумите.

Г.М.