Челниците на четирите водечки партии во земјата, денес, одржаа уште една во низата таканаречени лидерски средби на коишто се бара решение за излез од политичката криза, врз основа на договорот постигнат пред две седмици.

„Ние, лидерите на главните политички партии во Македонија, денеска се согласивме уште еднаш да ја потврдиме нашата целосна посветеност на договорот од 2-ри јуни и да продолжиме со разговорите за негово целосно спроведување на лидерско ниво на 29-ти јуни. Ние, исто така, го поддржуваме транспарентното менаџирање од страна на ЕУ со текстот на овој договор, како и со сите специфични препораки поврзани со системските реформи во областа на владеењето на правото коишто ќе бидат спроведени во интересот на сите граѓани“, се вели во заедничката куса изјава на лидерите на четирите водечки партии која со медиумите писмено ја сподели евроамбасадорот Аиво Орав.

Поединечни изјави, овојпат не даде ниеден од партиските челници, коишто на излегување од речиси двочасовната лидерска средба во Клубот на пратеници, меѓу кои премиерот и претседател на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, како и лидерите на опозициските СДСМ и ДПА; Зоран Заев, односно Мендух Тачи. Како, посредници на лидерската средба беа шефот на мисијата на ЕУ во Скопје, Аиров Орав и американскиот амбасадор Џес Бејли.

Досега се одржаа неколку лидерски средби во Скопје, на кои не беше постигнат ни договор за рамка на преговори, и неколку средби во Стразбур и Брисел.

На средбата на лидерите пред две седмици со посредство на меѓународни претставници од Европа и САД беа договорени избори до април  2016 година, до кога треба да се прочисти Избирачкиот список, да се вметнат забелешките на ОБСЕ за измени на Изборниот законик, да се почитуваат малцинствата и друго.

Средбата потоа, на која требаше да се дефинираат следните чекори како да се имплементира договореното од 2 јуни, во Брисел, беше неуспешна, и не беше постигнат договор за ткн преодна влада, затоа што опозицијата бараше премиерот Груевски да си замине веднаш од позицијата и да се формира влада со мандат да спроведе избори.

OhridNews

извор Макфакс