Ракометарите на Охрид ги запишаа првите бодови на табелата во плејофот од Супер лигата, победувајќи го Пролет со 28-26 (14-10), во една од четирите пресметки во третата рунда од шампионатот.

„Гладијаторите“ во вистински момент го одиграа најдобриот натпревар сезонава и го скршија мразот во плејофот, после воведните порази од Бутел Скопје на гостински и од Вардар на домашен терен. За Пролет ова беше прв пораз, после победите над Металург и Еурофарм Пелистер 2.

Цврстата игра во одбрана ги одбележа воведните пет минути од пресметката. Двете екипи само еднаш успеаја да постигнат погодок, за егал 1-1. Од петтата до десеттата минута нападите на двете страни се разиграа, но ниту една од екипите не успеа да обезбеди предност, зато што на семафорот стоеше 4-4.

Борбата на теренот се разгоре, а водството се менуваше на двете страни. Пролет и Охрид во неколку наврати имаа по гол предност. На истекот од 20-та минута Пролет имаше плус 1 (9-8). Во последните десет минути, охриѓани, предводени од Јагош Брауновиќ до совршенство ја доведоа играта во одбрана, примајќи само еден погодок. На спротивната страна, „гладијаторите“, реализираа од секаде и на одмор заминаа со заслужена предност од четири голови (14-10).

На стартот од второто полувреме Охрид не само што ја задржа предноста од четири голови, туку успеа да ја зголеми и после десет минути игра на семафорот да стои 14-20. Пролет и покрај најголемата негатива не се откажа, играјќи борбено во напад и одбрана. Домаќините ја подобрија играта во одбрана, нападот реализираше и на истекот од 50-та минута дојдоа до пристојни два негатива 21-23. Охриѓани навреме се консолидираа и до финишот не дозволија Пролет да намали на еден гол. Сепак, во последната минута при резултат 26-27, Охрид згреши во нападот, но и Пролет врати со иста мера, прокоцкувајќи шанса за егал. Охрид во последниот напад со гол ја запечати победата.

Брауновиќ со двоцифрен број на интервенции и одбраната беа клучни фигури во триуфмот на Охрид. Во голгетерската листа Тот со 10 голови беше најпрецизен, а на ниво беше и Кривокапиќ кој постигна пет. Во Пролет Потиќ со осум голови беше најефикасен.

„Гладијаторите“ и воопшто суперлигашките екипи немаат одмор, бидејќи среде недела се играат натпреварите од 1/4 финалето во Купот на Македонија.

Мх.П.
Фото: Екипа.мк