Фудбалерите на Охрид запишаа нови три бодови на второлигашката табела совладувајќи го Вардар Форино со 1-0 (1-0) во шестата рунда од шампионатот.  „Рибарите“ со вториот триумф сезонава ја прекинаа серијата од три рунди без погодок и победа во Втората лига.

Првата прилика на натпреварот им припадна на гостите. Илбер Лума во 3-та минута се закани шутирајќи покрај голот од 25 метри. Охридските „сино-бели“ ја имаа иницијативата и играа на половината од противникот. Офанзивната игра вроди со плод во 17-та минута. Потесната одбрана на Вардар Форино го блокираше ударот на Шериф Реџепи, но одбиената топка се одби кај Оливер Дишлиески кој со удар помеѓу нозете ја затресе мрежата.

Вардар Форино после негативата заигра нешто поофанзивно, но без сериозна опасност кон голот на Охрид. Најсериозна прилика за изедначување ја имаше во 41-та минута, но ударот на Алији заврши покрај голот.

На стартот од второто полувреме сликата не се промени на СРЦ „Билјанини Извори“. Вардар Форино ја имаше иницијативата и топката во своите нозе, додека Охрид чекаше од контра напади. Гостите во 52-та минута беа најблиску до егал. Лума се најде на вистинско место и биеше прецизно, но топката од стативата не заврши во мрежа туку во гол аут.

Опомената го „отрезна“ Охрид, Бочески ја промени формацијата и фудбалерите не дозволуваа премногу возбудувања пред својот гол. Вардар Форино од прекини се обидуваше за изедначувачки погодок, а Охрид не искористи неколку прилики за втор погодок и (по)сигурна победа.

Со трите бодови од дуелот со Вардар Форино, Охрид ќе се зацврсти на средината од табелата и без премногу притисок може да ги дочека двете гостински пресметки со Кадино и Кораб.

Состави:

Охрид: Симоновски, Ариф, Трпески, Цуцули, Вељаноски, Ѓорѓиески, Маркоски, Кочоски (90` Бакулски), Реџепи (60` Ристески), Целески (82` Наумоски), Дишлиевски

Вардар Форино: Абази, Бериша, Цури, Синани, Ејупи, Алији, Бекир, Садики, Лескароски, Асани, Лума

OhridNews