Фудбалерите на Охрид, експресно се вратија на победничките патеки во Втората македонска фудбалска лига-запад, совладувајќи го Велазерими со минимални 1-0 (0-0). Човек на одлука во дерби средбата на средината од табелата беше Александар Целески, кој го постигна единствениот погодок на натпреварот.

Во првите 20-тина минута, двете екипи ги поделија шансите. Прв се закана Охрид преку Бурхан Алији, кој биеше покрај голот од слободен удар. На спротивната страна добра шанса имаше Мурат Адили, но голманот на Охрид Никола Симоновски со помош од Ајрадин Цуцули го одбрани ударот. Потоа следуваше шанса за Шериф Реџепи кој со глава биеше во добро поставениот гостински голман Муарем Адили. Шансите на почетокот од мечот се заокружија со прецизниот удар на Аљбин Рамадани.

Од 30-та минута, Охрид ја презеде иницијативата и почна да го притиска гостинскиот состав. Иницијативата вроди со плод и Охрид креираше една добра шанса и една полуприлика. Шансата ја имаше Александар Бакулески кој биеше силно, но не и прецизно и топката заврши над голот.

Охриѓани решително влегоа во вториот дел. Играта пред голот на гостите, „рибарите“ ја валоризираа во 56-та минута. Наум Вељаноски од скратен корнер нафрли, а највисок во скокот беше Александар Целески кој со глава ја смести топката во мрежата.

Очекувано, гостите после негатива ја презедоа иницијативата, но немаа конкретни напади. Кичевчани продолжија со жестоките напади, но охридската одбрана не дозволи ниту малку возбудувања пред својот гол.

Кон крајот, Велазерими повторно се закани, но охриѓани ја задржаа концетрацијата во дефанзивата и го одбранија минималното водство.

За „рибарите“ ова беше шеста победа сезонава и шеста извојувана на домашен терен. Избраниците на Драган Бочески, со новите три бодови ќе се зацврстат на средината од табелата и со дополнителен ветар во грб ќе ги пречекаат последните две рунди од есенската полусезона во Втората лига.

  • Состави:

Охрид: Симоновски, Вељаноски, Маркоски, Цуцули, Трпески, Ариф, Алији, Ѓорѓиески, Бакулески, Целески (74` Дишлиевски), Реџепи (88` Ристески).

Велазерими: Мухарем Адили, Би. Исени, Аљиу, Имери (74` Ќазимоски), Рамадани, Мурат Адили, Ибраими, Сејдини, Рамани, Зендели, Бе. Исени

OhridNews