Ливерпул на титулата од Лигата на шампиони го додаде и трофејот од Супер купот на Европа и ја потврди доминацијата на стариот континент. „Црвените“ во мечот на „Водафон“ арената во Истанбул го совладаа Челси со 5-4 по изведувањето пенали. Регуларниот дел од мечот заврши 1-1. Резултатот се менуваше во продолженијата, но победник немаше, бидејќи мечот заврши 2-2.

Први до водство стигнаа „сините“, кои, преку Оливие Жиру го отворија резултатот. Ливерпул на стартот од второто полувреме ги изедначи бројките на семафорот после голот на Садио Мане. До крајот немаше погодоци и мечот отиде во продолженија. Таму екипите ги заменија улогите. Мане донесе водство за Ливерпул а Жоржињо од пенал изедначи на 2-2.

Во пенал серијата Ливерпул преку Фирмино, Фабињо, Ориги, Александар Арнолд и Салах ги реализираше пеналите, а ударот на Абрахам во петтата серија успеа да го скроти голманот Адријан  откако претходно успешно шутираа Жоржињо, Баркли, Маунт и Емерсон.

Натпреварот во Супер купот на Европа ќе влезе во аналите на европскиот фудбал поради трите женски судии кои ја делеа правдата. УЕФА довербата и ја додели на Стефани Фрапар која маестрално ја одработи својата задача.

OhridNews