Мнозинството во Советот на општина Охрид, вчера одби да се расправа за извештајот на државниот градежен инспекторат, а во врска со изградбата на хотел во населбата Лагадин, што е овозможено со општиот акт за с. Лагадин, донесен од советот.
Опозицијата во советот која ја предложи расправата за Лагадин, смета дека е потребно советот да ги расчисти дилемите околу постапката за донесување на општиот акт и изградбата на хотелот во Лагадин за што државните инспекторатите за градежништво имаат забелешки.
-За жал како и секогаш што се случува владејачкото мнозинство одби да ги признае аргументите, а нема поголеми аргументи што ги доставуваат државните институции, во случајот државните инспекторатите за градежништво и за животна средина, со што се потврдува уште еднаш дека локалната самоуправа и градончалникот не водат сметка за јавниот интерес. – рече координаторот на советничката група на СДСМ Јован Стојаноски.
Тој ги цитираше решенијата на инспекторатите со кои се бара поништување на дозволата за градба на хотелот во Лагадин, посочувајќи дека советот нема такви ингеренции.
-Наша задача како советници не е да поништуваме одобренија за градба. но наша задача е да ја поништиме целокупната постапка за донесување на општиот акт за Лагадин, а потоа во управна постапка да се поништи решението за градба, по што треба се отстранат сите неправилности околу донесување на општиот акт и доколку биде заклучено дека е потребно да се издаде соодветна дозвола за градба на хотелот во Лагадин. – истакна Стојаноски.
Локалната самоуправа ги отфрла сите забелешки во однос на донесување на опшиот акт за с. Лагадин и издадената дозвола за градба на хотел. Службеничката во Секторот за урбанизам Лилјана Јоноска, приложи документација, која, како што истакна, докажува дека сите закони и процедури за донесување на општиот акт за с. Лагадин се испочитувани. Таа додаде дека за општиот акт за с. Лагадин добиена е согласност од сите надлежни министертсва и државни институции и дека за постапката е известена и Националната комисија на УНЕСКО, а добиено е мислење без забелешки и од ЈУ Национален парк „Галичица“ и ЈП за државни патишта.
-Недвосмислено укажуваме дека општина Охрид има обврска доследно да ги применува сите одредби од законот за просторно и урбанистичко планирање како и подзаконските акти кои произлегуваат од нив. – рече Јоноска.
Во однос на вонредниот инспекциски надзор, кој констатира неправилности во издавањето на одобрението за градба на хотел во Лагадин, таа напомена дека општина одговорила на сите забелешки, укажувајќи им на надлежните државни инспекции дека дозволата за изградба на хотелскиот комплекс во Лагадин е издадена законски во согласност со донесениот општ акт за с. Лагадин.
–Не се отфрлени забелешките туку соодветно е одговорено на инспекторатите со аргументи за постапката за општиот акт и одобрението за градење. Стоиме на ставот дека и во едната и во другата постапка локална самоуправа има постапено согласно законот. – истакна Јоноска.
Во меѓу време изградбата на хотелскиот комплекс во Лагадин продолжува, а инвеститорот очекува истиот да биде готов до почетокот на летната туристичка сезона.
OhridNews















