Со подршка на локалната самоуправа во Трпејца ќе се подбри водоснабдувањето во летниот период,ќе се реши проблемот околу одведувањето на отпадните води, ќе се уреди нов паркинг простор со поголем број места за паркирање на жителите и гостите. Ова денес го најави градоначалникот Никола Бакрачески кој во Трпејца оствари средба со месното население, станоиздавачите, угостителите и туристите, со цел решавање на проблемите и поуспешна туристичка сезона.

Локалната самоуправа во соработка со ЕВН ќе преземе мерки за дислокација на една од трафостаниците во селото. Жителите  се жалат и на слаб притисок на водата во летните месеци. Се надевам дека заедно со екипите на МЈП Проаква ќе изнајдеме решение за решавање на проблемот. Додека пак со НП Галичица договорено е дел од просторот над патот да се уреди во паркинг простор кој ќе му биде доделен на користење на ЈП „Билјанини извори“ и со тоа да се задоволат потребите за паркинг простор, кој е неопходен во текот на сезоната, рече Бакрачески.

Во однос на помалиот број туристи, Бакрачески потенцира дека причината ја гледа во лошите временски услови, за кои се надева дека во наредниот период ќе се подобрат со што ќе се зголеми и бројот на гостите.

Ние сме во постојан контакт со туристичките работници, ги решаваме проблемите и предлагаме мерки за подобрување на сеозната, рече градоначалникот.

Станоиздавачите и жителите од Трпејца сметаат дека фокусот треба да биде насочен кон привлекување на гости од соседството и дека поединостите околу туристичката понуда треба да се прецизирани неколку месеци пред почетокот на сезоната.

Треба да се насочиме кон гости од соседството. Мораме да признаеме дека имаме силна конкуренција, но си го прави своето и лошата пропаганда. Цените во Трпејца не се променети неколку години, еве со манифестацијата „На зајдисонце“ се трудиме да понудиме нешто поинтересно, бидејќи помина времето кога се нудеше само класичен туризам. Сега гостите не бараат само да преспијат,  туку и други интересни содржини. Сакам да напоменам дека на Охрид му недостига една заедничка туристичка понуда, а подготовките треба да започнат многу порано пред сезоната, вели Милчо Јованоски, иницијатор на културната манифестацијата „На зајдисонце во Трпејца“.

При посетата на Трпејца, градоначалникот Бакрачески напомена дека продолжуваат активностите за решавање на проблемот со одведување на отпадните води и изградба на пречистителна станица. Преку Центарот за развој на југозападниот плански регион обезбедени се средства за изработка на физибилити студија ,а во тек се финални подготовки на основниот проект за изградба на станицата. Сеуште се разгледуваат опциите дали средствата за реализација на проектот ќе се обезбедат од општинскиот буџет или ќе се најдат други начини за финансирање. Поднесена е документација до секретаријатот  за европски прашања за добивање донација од кинеската влада, како и до центарот  за развој и меѓународна соработка на Словенија.

OhridNews