Ракометарите на Еурофарм Работник испишаа нова страница во клупската историја забележувајќи ја првата победа во фазата по групи во Лигата на Шампиони. „Фармацевтите“, до првиот триумф стигнаа со тесната победа 31-30 (17-13) над тимот на Кокс во Битола.

Избраниците на Стефче Алушоски подобро се снајдоа во ефикасниот прв дел од натпреварот во спортската сала „Боро Чурлески“. Битолчани постигнаа вкупни 17 голови а примија 13 за плус четири на полувремето.

Во вторите 30 минути, гостите се консолидираа и чекор по чекор ја анулираа предноста на домашните ракометари. Во завршните десеттина минути, двете екипи влегоа во егал а македонскиот претставник постигна гол повеќе и стигна до победата.

Херој на „фармацевтите“ беше Николче Митрески, кој го скроти последниот обид на гостите, додека голгетерски се истакнаа Остроушко со осум, Ојлеки со пет и Граџан со четири погодоци.

OhridNews
Фото: Гол.мк