Старите познаници и добри пријатели Сер Алекс Фергусон и Жозе Мурињо со екипите Манчестер Јунајтед односно Реал Мадрид ќе се сретнат во 1/8 финалето во Лигата на Шампиони.

Прв стадион домаќин на фудбалскиот спектакл ќе биде Сантијаго Бернабе, таму Кристијано Роналдо ќе истрча против своите долгогодошни соиграчи од Манчестер Јунајтед. Португалецот иако по неговото доаѓање во Реал Мадрид стана алфа и омега во екипата, сепак ѕвездени моменти во кариерата ги достигна на Олд Трафорд освојувајќи титули во Лигата на Шампони, Премиер лигата, Лига купот и Светското клупско првенство.

– Тоа ќе биде празник за мене, верувам дека емоциите нема да ме совладаат и ќе одиграм најдобро што можам. Во дресот на Манчестер Јунајтед се чувствував како дома, затоа тој клуб го нарекувам втор дом – потенцираше неодамна Роналдо.

Од другата страна на теренот мотивацијата кај Манчестер Јунајтед ќе биде голема да се запре најдобриот фудбалер на Реал Мадрид. Менаџерот на Јунајтед, Фергусон истакна дека добро го познава Роналдо, но сепак тој е врвен фудбалер и не смее да се заборави во ниеден момент.


– На овој дуел во едно сум сигурен дека ќе има голови. Иако долго време се немаме сретнато сепак овие две екипи добро се познаваат ќе биде тоа уживање за фудбалските љубители –
порача Фергусон.

Останатиот дуел од 1/8 финалето во Лигата на Шампиони, Шахјтор – Дортмунд падна во сенка на титанскиот двобој на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Натпреварите се играат во 20:45 часот.

Мх.П.