Четирикратниот првак Барселона и турскиот Галатасарај се новите две екипи кои обезбедија пласман во четвртфиналето од Лигата на Шампиони.


“Росонерите“ на Ноу Камп не го издржаа притисокот на Барселона и претрпеа пораз од 4-0. “Блауграната“ не само што ја анулираше предноста на миланезите, туку забележа убедлива победа.

Волшебната ноќ на Ноу Камп ја најави Лионел Меси уште во петтата минута кога погоди за 1-0. Меси со вториот погодок во 40-та минута ја стопи предноста на “росонерите“, а пред тоа Нианг пропушти “зицер“ позиција за погодок.

Во вториот дел “тик так“ машинеријата продолжи да го притиска Милан на сопствената половина. Во 55-та минута Давид Виља погодува за 3-0 и носи резултат кој ја води Барса во 1/4 финалето.

Со измените тренерот на “росонерите“ Масимилијано Алегри внесе свежина во составот, но обидите за погодок во мрежата на Виктор Валдес завршуваа некаде пред казнетиот простор.

Во последните минути “црвено црните“ фрлија се на една карта нападот, тоа овозможи голем простор за контра напади на Барселона. Токму по една таква акција Жорди Алба по додавањето на Дани Алвес ги постави конечните 4-0 и ја лансираше Барселона во најдобрите осум во Лигата на Шампиони. 

Последните два патници во 1/4 финалето во Лигата на Шампиони ќе се комплетираат по натпреварите Баерн Минхен – Арсенал (3-1) и Малага – Порто (0-1).

Мх.П.