Екипите на Вардар и Порто ги поделија бодовите ремизирајќи со 25-25 (13-12) во пресметката од петтата рунда во фазата по групи во Лигата на Шампиони. Порто со погодок во последниот напад обезбеди бод, а во завршните три минути влезе со два голови позитива.

Натпреварот имаше многу чуден тек. На стартот Вардар добро отвори и поведе со 4-2. Но, следуваше црна дупка од десет минути во нападот. Порто максимално ја искористи слабата игра во напад на Вардар и со 6-0 серија стекна предност од 8-4.

„Црвено црните“ го запреа нападот „7 на 6“ на Порто и постепено ја намалуваа негативата. Во 25-та минута дојдоа до 11-11, а до крајот на првиот дел обезбедија еден гол позитива 13-12.

На почетокот од второто полувреме Порто се закануваше, но Вардар ја зачувуваше минималната или предноста од два голови. Мал пад во играта „вардарци“ имаа во 50-та минута кога им дозволија на противниците да поведат со 20-21. Порто во финишот влезе со предност, но Вардар по кој знае кој пат покажа карактер и квалитет во клучни моменти и од минус два 22-24, дојде до 25-24. Во последниот напад Порто на чуден начин реализираше и обезбеди бод во Скопје.

Натпревар за паметење имаше голманот Борко Ристовски кој собра 15 интервенции и успеа да постигне 4 голови. Најпрецизни беа Чупиќ и Вујин со шест голови.

Вардар со четири бодови од три натпревари котира на средината на табелата, а следниот натпревар ќе го одиграат во Париз против составот на ПСЖ предводен од Раул Гонзалес на клупата.

OhridNews