Возачот на Мерцедес, Британецот Луис Хамилтон, по пауза од две години ќе стартува од пол позиција на една Ф1 трка. Тој денеска во драматичен финиш оствари најдобро време на квалификациите за трката за Големата награда на Унгарија, што ќе се вози во недела на легендарната патека „Хунгароринг“.

Хамилтон имаше три десетинки подобро време од водечкиот возач во генералниот пласман Макс Верстапен кој не успеа да стигне до шестата пол позиција сезонава.

Возбудливи квалификации на Хунгароринг. Фото: Анамарија Момироска.

Добрата форма ја потврдија и возачите на Мекларен, Ландо Норис и Оскар Пиастри кои ќе стартуваат од вториот ред. Пријатно изненади возачот на Алфа Ромео Гуан Жу кој ќе стартува петти, а неговиот тимски колега Валтери Ботас седми. Помеѓу нив е возачот на Ферари Шарл Леклер.

Во квалификациите потфрли колегата на Хамилтон од Мерцедес Џорџ Расел кој ќе стартува од 18 позиција.

Фановите и тимот на Ферари на Хунгароринг

Во меѓувреме раководството на Ф1 објави дека Големата награда на Унгарија останува во календарот на Формула 1 до 2032 година.

Унгарските организатори досега имаа договор за одржување на трките до 2027 година.

Организаторот во рамки на новиот договор се обврзаа дека ќе ја обнови и модернизираат патеката. Особено внимание ќе биде посветено на боксовите и доградба на новата главна трибина.

Ова е посебна патека покрај неверојатниот град Будимпешта и една од оние која сите возачите и нашите навивачи со нетрпение ја чекаат во календарот“, изјави извршниот директор на Ф1, Стефано Доменикали.

Сместен на 20 километри од Будимпешта, култниот „Хунгароринг“ е дел од Ф1 календарот од 1986 година

Oд Хунгароринг за OhridNews: А. Момироска