Од ресторан покрај самиот кеј на езерото до препознатлив угостителски бренд кој успешно опстојува веќе две децении. Приказната на угостителскиот бренд „Тино“ почнува во 1999 година кога сопружниците, Валентин и Франческа Маркулевски го отвараат првиот семеен ресторан на градскиот кеј, кој до ден денес е познат по големото гостопримство, љубезност, професионален кадар, одлична храна и музика.

Ресторанот „Тино“ на Валентин и Франческа во 1999 година

Со текот на годините, објектот во кој се наоѓа ресторанот прераснува во хотелски капацитет кој во моментов располага со 62 соби и апартмани, спа центар и други содржини.

Хотел – ресторан „Тино“ и паб „Тино“ во центарот на Охрид денес

Во бизнисот се вклучуваат и тројцата синови на Валентин и Франческа: Борис, Дејан и Валентин кои израснале помагајќи во кујна и дружејќи се со гостите, кога и се раѓа нивната љубов кон угостителството. Подоцна се приклучуваат и нивните сопруги и деца, па така брендот „Тино“ прераснува во една успешна фамилијарна приказна.

  • Столбот се мајка ми која и денес е во кујна, и татко ми во ресторанскиот дел. Целото работно искуство сме го стекнале од родителите. Тие започнаа, ние продолжуваме. Растени сме во ресторан, помагавме и преку година и за време на летните распусти. Помагавме, работевме, сега истото го прават и моите деца. – раскажува Борис Маркулевски, генерален менаџер на хотелите „Тино“.

Борис Маркулевски

Во 2015 го преземаат хотелот на Интеримпекс во Свети Стефан кој целосно го реновираат и сега претставува еден од најубавите хотели на крајбрежјето, прв кој својата понуда за гостите ја збогати со современ СПА центар со затворен и отворен базен. Истата година го отвараат и пабот „Тино“ кој се наоѓа веднаш до ресторанот покрај кејот, каде се доградуваат и апартмани, а две години подоцна започнува со работа и вила „Марко“ во Трпејца.

  • Постојано правиме нови понуди согласно потребите на гостите. Најново во хотел „Тино“ Свети Стефан направивме мала кино сала, се поставува солариум, направена е уште една сала за состаноци. Самата работа кажува уште што недостига. Најмногу внимаваме на критиките кои ги упатуваат гостите и благодарен сум на сите критики за работите да ги поправам. Прво што правам наутро е читањето на коментарите од гостите кои престојувале кај нас. – вели Маркулевски.

Хотел Тино Св. Стефан еден од најмодерните туристички комплекси на крајбрежјето

Нивните угостителски објекти ги посетуваат гости од целиот свет, многумина доаѓаат редовно-секоја туристичка сезона. Во летниот период најбројни се гостите од Холандија, но има и од Италија, Скандинавија, Франција. Во зимскиот период, традиционално, најредовни се гостите од соседството кои во Охрид ги минуваат и новогодишните празници.

  • Постојано се обидуваме да внесеме новини, на гостите да им е интересно. Правиме македонски вечери со настап на играорни групи, шведска маса со традиционални јадења, рибна вечер, италијанска вечер. Голема улога има и услугата која според мене е и најважна, љубезноста на вработените и персоналот. – додава Маркулевски.

Вила „Марко“ – Трпејца

Со ангажирањето на кадар немаат никогаш проблем, како што велат, ако персоналот ги има сите потребни услови за работа, одлична плата, тој е постојан и станува дел од фамилијата. За да се биде успешен угостител мора одлично да ги познаваш сите сегменти од работата, вели овој познат охридски угостител.

  • Во овој бизнис најважно е присуството на газдите, посветеноста и познавањето во сите сектори-ресторан, кујна, рецепција. Влегувам и во кујна, и келнер сум и се кога треба. Ако не знаеш како функционира кујната, ресторантскиот дел, нема успех, смета Маркулевски.

Поглед од вила „Марко“ на прекрасното Охридското Езеро

Секогаш со нови идеи и визии за развој на бизнисот, сопствениците на брендот „Тино“ во моментов работаат на идејата за изградба или купување на нов хотел на крајбрежјето. Сметаат дека на Охрид му недостигаат хотели со збогатени содржини (спа, базени, детски игралишта) кои би придонеле за успешен туризам во текот на целата година, затоа што градот има многу да понуди. Нивната препорака до надлежните е изградба на што повеќе пешачки и велосипедски патеки, гондола до Галичица, воспоставување на редовни авионски линии, и подобрување на инфраструктурата до Охрид.

Тања Кувенџиска