Шарениот албум и самолепливите сликички на „Панини“ имаат култен карактер не само кај најмладата популација, туку и кај многумина колекционери. Македонија е една од 100-те земји ширум светот, каде и оваа година се дистрибуира „познатиот“ материјал посветен на фудбалскиот Мундијал во Бразил.

Тоа е случај и во Охрид, каде два пати неделно се одржуваат неформални собири на фановите на светското фудбалско првенство, почнувајќи од најмладата популација, родителите, мајките, па се до оние страсни вљубеници во ќесичките на „Панини“.

Во Охрид се собираме неформално на секои две недели, но постојат и доста групи по социјалните мрежи каде можат да се разменат информации и да се договори размена на сликички. Гледаме дека има и нови генерации, децата собираат сликички, постои интерес, а во пракса колекционерството е вид на социјално дружење.“ – вели Филип Ангеличин Жура, кој 24 години е активен колекционер на самолепливи сликички од „Панини“.

Колекционери од 80-тите и 90-тите години

„Го имам, го имам, го немам“ е онаа култна фраза кај љубителите на самолепливи сликички, која многумина ја користат уште раните 80-ти, па се до денеска.
 
Се започна 1982-ра година за Светското првенство во Шпанија, но тој прв албум не го собирав јас, туку мојот татко. До 1990-та беше само за светските првентсва, а потоа почнав да ги собирам и за европските. До 2006-та година имав некомплетирани албуми, но откако ми се родија децата ги комплетирав. Тоа е најчесто месец дена пред да почне Мундијалот, да знаеме на кого да типуваме.“ – вели Стефан Атанососки.

Размена на сликички преку пошта

Филип Ангеличин Жура објаснува дека се уште постои размена на сликички од фудбалските првенства, со останатите фанови од земјава.

До пред една година функционираше сајт, па така полесно доаѓавме до информации. Сликичките ги праќаш на стариот добар начин во плико, претходно договорено преку меил. Она што е карактеристично за овој вид на „комуникација“ е тоа што ниту еден колекционер не може да те зезне, бидејќи оваа пракса отсегакош била фер и коректна.“ – вели Жура.

„Пет за едно“?

„Пет за едно“ се уште постои, но претежно кај помладата популација, вели нашиот соговорник. Ако некогаш амблемите беа реткост, оваа година заедно со стадионите речиси ги има во секоја ќесичка.

Од овој албум најтешко паѓаат Бразилците и Камерунците. Дечињава се уште бараат пет за едно, за „Меси“. Но тоа не е случај кај нас повозрасниве. Амблемиве паднаа речиси сите, како и стадиониве. Пред некој ден видов на „и-беј“ сликичка од Илија Најдоски од репрезентацијата на Југославија, цената беше околу 50 долари. Има луѓе кои чекаат на готово да ги откупат албумите. Но тоа не е случај кај нас, бидејќи ова го правиме за наш ќејф. Добро е чувството кога ќе ги видиш старите албуми и се присетиш на некои фудбалски легенди, мајстори и репрезентативци.“ – вели Жура.

Првиот албум на „Панини“ отпечатен во 1970

Првиот албум „Панини“ го отпечати во 1970-та година по повод Светското првенство во Мексико и продолжи да го прави тоа во четиригодишен ритам. Исто така, „Панини“ печати и посебни албуми по повод Европските првенства, а а во 1961 е издаден првиот албум посветен на италијанската калчо лига.

Умберто Панини остави генерации на млади колекционери

Еден од иноваторите во светот на познатите албуми со самолепливи сликички кои оставија генерации на млади колекционери, почина во декември минатата година на 83 годишна возраст.

O.T.