Македонската фудбалска репрезентација освои бод во втората рунда од Лигата на Нации, ремизирајќи 1-1 на гостински терен со селекцијата на Грузија.

„Црвено жолтите“ треба да бидат задоволни со бодот, бидејќи во текот на натпреварот имаа негатива 1-0 и фудбалер помалку, после директниот црвен картон на Висар Муслиу.

Мечот од втората рунда помина во знакот на домаќините, кои креираа прилики и ја имаа топката во своите нозе. Теренската иницијатива фудбалерите на Грузија ја искористија во 13-та минута кога преку Торнике Окриашвили од белата точка поведоа со 1-0.

Македонија и покрај резултатската негатива не отстапуваше од трпеливата игра и чекање на прилика од контра или полу-контра. Во 33-та минута, избраниците на селекторот Игор Ангеловски после добра тимска акција израмнија на 1-1. Стрелец на погодок беше Стефан Ристовски.

Сликата не се промени во второто полувреме. Грузија напаѓаше, а Македонија со организирана игра оддолеваше. Во 64-та минута Муслиу поради опасен старт доби црвен картон. Домаќините комплетно го опседнаа голот на Македонија, но голманот Дамјан Шишковски со неколку фантастични интервенции не дозволи погодок и донесе бод за нашата селекција.

 

Со четири бодови од првите два натпревари Македонија се наоѓа на првото место од табелата. Мечевите во Лигата на Нации ги продолжува во октомври со средбите против Естонија односно Грузија.

OhridNews