Машката ракометна репрезентација на Македонија избори пласман на Светското првенство што идната година ќе се игра во Полска и Шведска.
Во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, вечерва, Македонија во реванш мечот од баражот во драматична завршница ја совлада Чешка со 27:25. Првиот натпревар во Чешка заврши без победник 24:24, со што Македонија го задржа континуитетот на играње на големите натпреварувања.
Лидери во играта на подмладената Македонија беа Кузмановски и Талевски во нападот, а извонреден на голот беше искусниот Никола Митревски.

Селекторот Лазаров истакна дека победата на Македонија е заслужена и дека репрезентацијата покажала квалитет кој го одлучил баражот.
Совладавме две репрезентации кои значат и во иднина ќе значат многу во европскиот и светскиот ракомет. Можеби бевме аутсајдери во натпреварите со Романија и Чешка, но покажавме дека можеме да се носиме со најсилните. Пресреќен сум, ова е голем резултат на Македонија. – рече Лазаров.
Тој истакна дека имаме голема шанса да избориме пласман и на Европско првенство изразувајќи големо задоволство од настапот на Кузмановски и Талевски како лидери на оваа генерација, која, според него, има простор да напредува уште.
Запрашан дали ќе го гледаме и натаму во дресот со број 7 во репрезентацијата, Лазаров рече дека повеќе во иднина ќе го гледаме во тренерки, посочувајќи дека сега е време за славење, а кога ќе слегнат емоциите ќе обзнани кога официјално ќе се прости од репрезентативниот дрес
Г.М.











