Со дегустација на македонски вина и вкусна традиционална храна, македoнскиот штанд привлекол голем број посетители на интернационалниот саем за туризам „Brussels Holiday Fair“ кој од 5-ти до 9-ти февруари 2015 година се одржуваше во Брисел, Белгија.

-Македонија успешно беше претставена како сериозен учесник во најважниот туристички саем во земјите на Бенелукс и се издвои како новата атрактивна дестинација на Балканот и пошироко. Посетителите на штандот беа особено заинтересирани за езерскиот, културниот, активниот и винскиот туризам, велат од  Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.

Оттаму информираат дека во рамки на саемот биле остварени средби со голем број туроператори кои биле заинтересирани за македонските туристички потенцијали.

-Директорот Кристијан Џамбазовски оствари средба со претставник на тур операторот „Jet Air“ кои  продаваат пакети за патувања во голем дел на земјите од светот и е еден од најголемите тур-оператори во Белгија, ќерка фирма на TUI. Беше остварена средба и со директорот на „Rantour“, на која беше договорена идна соработка и истите беа поканети да ја посетат Македонија на информативна тура. Целта е вметнување на Македонија во нивните понуди и зголемување на бројот на туристи, информираат од АППТ.

Исто така биле остварени средби и со претставници на туристичката агенција „Sa Veurs du Voyage“ и туроператорот „De Reisspecialist“. Штандот на Македонија бил интересен и за голем број на новинари од значајни белгиски медиуми.

Интернационалната туристичка берза „Brussels Holiday Fair“ е една од најголемите саемски манифестации во Белгија, на која годинава биле презентираниоколу 100 земји и повеќе од илјада излагачи од областа на туризмот.

OhridNews