Министерот Никола Димитров денеска изјави дека Нацрт-договорот кој што го подготвила Република Македонија за решавање на спорот со името е доставен до грчката страна.

-Денеска во попладневните часови во Атина, претставник на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, го достави до грчката страна Нацрт-договорот што беше интензивно подготвуван во последниве денови. Од наша страна, македонскиот Нацрт-договор. Истовремено сакам да потврдам дека во изминатите денови, го добивме и грчкиот Нацрт-договор. И со ова, комуникација која што досега се одвиваше главно низ усмен дијалог влегува во една фаза, каде што има и размена на пишани документи. Убедени сме, целта е да се најде едно одржливо и едно достоинствено решение за надминување на разликата околу името. Да се најде една разумна дистинкција меѓу нашата држава Македонија и регионот Македонија во Грција. Тоа е можно. Со нетрпение и со задоволство ја очекуваме посетата на мојот колега министерот Коѕијас којшто ќе допатува во четврток ќе има доста средби и активна програма во петок. – рече Димитров.

Тој најави дека следната недела, на 30-ти март, под медијаторство на Метју Нимиц, под покровителство на Обединетите нации (ОН), разговорите за решавање на спорот за името ќе продолжат во Виена. 

-Убедени сме, дека елементите, од нашата Нацрт-спогодба ќе бидат корисни и во рамките на тој процес, којшто е главен, бидејќи и формално врз основа на Резолуцијата осум, еден, седум, од 1993-тата година, на Советот за безбедност на ОН, овој процес и се води токму за тоа. Да се надмине разликата околу името и процесот се води под покровителство на Светската организација, на ОН. истакна на  прес конференцијата министерот Димитров.

Запрашан колку се слични двата Нацрт-договори, Димитров со одговор дека грчката Нацрт-спогодба е предмет на анализа во овој период и дека нема да биде корисно да коментира за содржината. 

– Можеби, е чесно да кажам дека има разлики. И, на некој начин, разликата е во фазите, устен и писмен дијалог, меѓутоа постојат разлики. И се надеваме, дека ако мислиме заеднички на една цел, ќе успееме тие разлики да ги надминеме. – додаде Димитров.

OhridNews