Билатерална декларација за јавно здравје меѓу Македонија и Албанија, денеска беше потпишана во Охрид. Декларацијата ја потпишаа министрите за здравство на двете земји, Бујар Османи и Анила Годо, во рамките на Првиот балкански форум за јавно здравје што се одржува во Охрид.


Во документот се нагласува важноста од билатералната експертска соработка меѓу институциите и индивидуалните експерти и се потврдува заложбата на двете страни за зајакнување на јавното здравство.


– Ваквите форми на соработка се од суштинско значење, имајќи ги предвид заложбите на Владите на двете држави за развој на инфраструктурата, експертиза и заеднички насоки за справување со основните јавно-здравствени проблеми, истакна македонскиот министер за здравство, Бујар Османи.


Во работата на Првиот балкански форум за јавно здравје што се одржува во Охрид учествуваат повеќе од 70 експерти од областа на здравството од земјава и од странство, кои ќе дискутираат за статусот и предизвиците на јавното здравје, Меѓуграничната соработка за контрола на заразните болести во функција на спроведување на Меѓународниот здравствен правилник и за можностите за реализација на заеднички проекти.

Ohridnews
фото: Васко Бујароски