Македонската Влада во наредните 4 до 5 години во  развојот на енергетскиот сектор, ќе вложи 1,5 милијарди евра, изјави во Охрид вицепремиерот, Зоран Ставрески.

Тој најави дека околу 500 илјади евра ќе бидат вложени во изградба на хидроцентрали на Црна река, Чебрен и Галиште. Околу 85 милиони евра ќе бидат вложени во изградба на хидроцентралата Бошков Мост, а половина милион евра ќе бидат инвестирани во изградба на 400 мали хидроцентрали.

Ставрески, исто така, напомена дека термоцентралата во Неготино треба да го зголеми производството на струја за 3 до 4 пати и дека е објавен тендер за изградба на топлинска централа во Скопје.

„Во наредните 4 до 5 години Македонија целосно ќе биде опфатена со магистралниот нафтовод, а со интерконекциското поврзување со Србија и изградбата на далноводите кон Бугарија и Албанија, ќе се зголемат преносните капацитети и ќе се формира енергетски прстен, со што долгорочно ќе биде решен проблемот со снабдувањето со електрична енергија“, истакна Ставрески.

Вицепремиерот учествува на петтото советување на Македонскиот комитет при меѓународната конференција за големи енергетски системи – МАКО СИГРЕ, што започна вчера во Охрид. На собирот учествуваат над 150 претставници од електро-енергетската заедница во Македонија, чии научни трудови ќе бидат публикувани во  Зборник на трудови (во 3 книги, на 1244 страници) и на ЦД.

ohridnews