Нека ни е честита самостојна и независна Македонија!


Ова беа зборовите на претседателот Киро Глигоров кој на преполниот плоштад во Скопје на 8 Септември 1991 година ги официјализира резултатите од референдумот на кој македонскиот народ со огромно мнозинство од 95% се изјасни за осамостојување на Република Македонија од Федеративна Југославија во која се распламтуваше граѓанската војна. Претходно Собранието на Република Македонија на 25 јануари 1991 година  со акламација ја донесе  Декларацијата за независност.

Независноста на Македонија прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања и од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина… На 8 април 1993 година Македонија со  акламација во Генералното собрание на Обединетите нации беше примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Но, поради противењето на Грција, која не го прифаќа нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше направено под привремената референца Поранешна југословенска Република Македонија. Денес Македонија е призната под уставното име од  116 од вкупно 160 земји кои ја признаа независноста на нашата држава. Меѓу нив се и три постојани членки на Советот за безбедност, САД, Русија и Кина.


Од прогласувањето на независноста Македонија мина низ многу турболентен период, а најкритична беше 2001 година кога земјата се соочи со внатрешен конфликт кој беше надминат со потпишување на Охридскиот рамковен договор, кој пак денеска е преточен во Уставот на земјата.

На заседанието  на ЕУ во Загреб во 2005 година Македонија доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ, но поради спорот со името наметнат од Грција, земјата се уште не добила датум за преговори со унијата.

Денот на независноста на Република Македонија оваа година за жал ќе мине во сенка на големата трагедија што во саботата се случи во водите на Охридското Езеро, кога при потонување на бродот „Илинден“ животот го загубила 15 бугарски туристи. Поради несреќата Општина Охрид ги откажа сите свечености предвидени за Денот на независноста.

Ohridnews