Македонската кошаркарска репрезентација го претрпе првиот пораз во втората фаза од претквалификациите за Евробаскет 2029. Избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал вечерва во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје загубија од Кипар со 75:85 (23:21, 20:22, 12:11, 20:31).

По убедливата победа над Австрија во првото коло, македонските кошаркари не успеаја да го потврдат добриот старт на претквалификацискиот циклус.

Во поголемиот дел од натпреварот се водеше изедначена борба. Македонија ја доби првата четвртина со 23:21, на полувремето резултатот беше израмнет (43:43), а во последните десет минути нашиот национален тим влезе со минимална предност (55:54).

Кипарците ја искористија слабата игра во одбраната на Македонија и поведоа со 63:56. Со тројката на Ненад Димитријевиќ, шест минути пред крајот, Македонија израмни на 65:65, но гостите до крајот направија серија од 20:10 и заслужено стигнаа до победата.

Македонија во последната четвртина прими дури 31 поен, што се покажа како пресудно за исходот на натпреварот.

Ниту одличното индивидуално издание на Ненад Димитријевиќ, кој постигна 30 поени и шест асистенции, не беше доволно за триумф. Стојан Ѓуроски реализираше 11 поени, додека во победничкиот состав најефикасен беше Филипос Тигкас со 25 поени.

Селекторот Берокал не го криеше разочарувањето по натпреварот, посочувајќи на големиот пад во играта во последната четвртина и непочитувањето на основните кошаркарски принципи.

Мора да ги почитуваме сите репрезентации и да ја почитуваме кошарката. Едноставните правила од кошарката. Денес не го правевме тоа, не почитувавме да вадиме топка надвор, играта еден на еден, да не губиме топки, протокот на топка… А Кипар одигра добар меч. – изјави Берокал за официјалната интернет-страница на Кошаркарската федерација на Македонија.

Шпанскиот стратег потенцираше дека може да ги разбере промашените шутеви, но не и грешките во сегментите од играта врз кои кошаркарите имаат контрола.

Мора да научиме од овој пораз, да бидеме заедно. Овој меч не беше како што го посакувавме, но во февруари имаме уште две шанси да си ја завршиме задачата. – додаде шпанскиот стратег на клупата на Македонија.

Македонија го завршува ноемврискиот претквалификациски прозорец со една победа и еден пораз. По неуспехот на домашен терен против Кипар, националниот тим во февруари ќе мора да покаже далеку подобро издание во борбата за пласман во главните квалификации за Евробаскет 2029.

OhridNews

Фото: Кошаркарска федерација I

MKD BASKETBALL