Македонската сообраќајна полиција како членка на Европската мрежа на сообраќајни полиции – ROADPOL се приклучува на акциската контрола со зголемени контроли за возење над дозволената брзина.

Во среда, 15 април од 00.00 часот до четврток 16 април 00.00 часот ќе биде 24 часовен маратон на брзина во кој период ќе има непрекинати акциски контроли на брзината на движење на територијата на целата држава, информираат од МВР.

Брзото возење, посочуваат, останува една од водечките причини за сообраќајни незгоди со тешки и смртни последици на нашите патишта.

Затоа мораме да делуваме постојано. Со имплементација на проектот „Безбеден град“ и постојаните сообраќајни акциски контроли се: зголемува свесноста од опасностите на брзото возење, се поттикнува промена на однесувањето на возачите на долг рок и се спасуваат животи.

Голем дел од локациите на акциските контроли, велат, им се однапред познати на возачите со цел да се засили превентивниот карактер на акциите. Целта, додаваат, не е казнување, целта е сообраќај во рамките на обележаните брзини, сообраќај кој спасува животи.

ROADPOL маратонот за брзина (Speed marathon) е заедничка акциска контрола на сите европски сообраќајни полиции која се изведува истовремето на сите европски патишта. Намалете ја брзината. Почитувајте ги ограничувањата. Со тоа спасувате животи, порачуваат од МВР.

OhridNews