139 статии за ретки болести во изминативе пет години имаат уредено волонтерите од Вики клуб Охрид кои можат да се прочитаат на Википедија на македонски јазик. Со тоа, освен што го обогатија фондот на статии, тие на овој начин придонесоа во кампањата „Ретко е да си редок“.

Имено, сите овие пет години, секојдневно, во месец февруари, месецот на ретки болести, по медиумите се презентира по една ретка дијагноза. Токму за таа дијагноза, истиот ден, еден од нашите волонтери уредил статија на Википедија на македонски јазик. Оттука, и нашиот слоган „За да не се ретки оние кои знаат за ретки“, зашто преку оваа активност статиите остануваат на оваа интернет енциклопедија достапни за сите читатели, за сите кои сакаат повеќе да се информираат за некоја дијагноза за дадена ретка болест, вели  координаторот и едукатор за образование, професорката по македонски јазик, Наташа Неданоска, која ја потенцира соработката со основачот на Здружение за ретки болести, Гордана Лолеска, преку која се реализира и оваа активност.

Клуб сме, вели Неданоска, кој брои дваесеттина члена, од кои осум- девет се константно активни и за нас, додава, овие пет години месец февруари е месец во кој традиционално се посветуваме на пишување статии за ретките болести, без оглед на тоа какви сè други активности се случуваат на државно ниво и во ГЛАМ Македонија т.е. во другите Вики клубови.

Огромна е одговорноста да се пишуваат овие статии од причина што се медицински теми. Од друга страна пак, секој кој работи на дадена статија периодично „боледува“ со оној кој ја има таа дијагноза т.е. чувствува емпатија за сите оние кои се соочуваат со неа. Предизвик е да се искоординираат сите активности кога знаеш дека крајниот резултат содржи хумани цели. И секако, уште поголема е честа да бидеш препознаен по тоа што во кампањата оставаш свој личен печат. Лично јас им благодарам на сите членови на Вики клуб Охрид кои дадоа свој придонес низ текот на овие пет години да се уредат толкав број статии. Секако дека нашата заложба ќе продолжи, со огромна желба за справување со сите предизвици на оние кои се носат со оваа борба, вели Неданоска.

Воедно, изразува надеж за што поскоро решавање на сите проблеми во однос на дијагностицирањето, лекувањето и третманот воопшто на луѓето со ретки болести овде, во Македонија, но и секаде во Светот.

Инаку, Вики клуб Охрид е еден од седумте Вики клубови во државата, во рамките на здружението ГЛАМ Македонија, кое меѓу другото, се занимава и со едукација на ученици да уредуваат статии на Википедија на македонски јазик.

Н.С.Ј.