Македонските архитекти Јанко Константинов, Георги Константиновски, Крсто Тодоровски и брачниот пар Искра и Јордан Грабулоски проминентно застапени на изложбата “Кон конкретна утопија – Архитектурата на Југославија 1948- 1980.

Рамо до рамо со легендите на југословенската архитектура Јурај Ниедхарт, Едвард Равникар и Богдан Богдановиќ, македонските архитекти се застапени во цело крило на Музејот на модерна уметносто МОМА во Њујорк. Југословенската архитектура од овој период сега во 21 век доживува ренесанса и обновен интерес од светската јавност како пример за модернизам, економски – политички успех на креативност и дизајн и покрај неуспехот на Југословенската држава како федерација.

Изложбата која ќе биде отворена за јавност на 15 јули беше претставена пред претставниците на медиумите и членовите на МОМА на 10 јули. Изложбата се состои од повеќе од 400 цртежи, скици, макети, фотографии и видео и филм со кои се открива равојот на Југославија после Втората светска војна. Taa е организирана од кустосот на МОМА, Мартино Штиерли и Владимир Кулиќ, професор на универзитетот Флорида Атлантик, кому му помагаше македонскиот тим: Владимир Десков, Ана Ивановска Дескова и Јован Ивановски. Изложбата е поделена на неколку дела: Модернизација, Глобални Мрежи, Секојдневен живот и Идентитет.

Од телевизискиот столб на Авала, генералниот план на град Bелград од 1951 година, со акцент на проминентни проекти на згради, хотели и музеи во Љубљана, Приштина, Загреб, Белград, јадранската Ривиера, изложбата нуди чувство на jугоносталгија но и на гордост за 40 и повеќе години на развој, прогрес.

Македонското крило се концентрира на проектот на Кензо Танге за изградба на Скопје по земјотресот во 1963 година, но и на проектите за Универзитетот Св Кирил И Методиј, Хидробиолошки завод Охрид, студентскиот дом Гоце Делчев како и споменикот Македониум во Крушево.  Фотографиите на Валентин Јек ја доловуваат на феноменален начин урбаната архитектура и зградите кои изградени во социјализмот до ден денес се пример на модернизам и имаат секоја на свој начин историја, убавина и стил.  Чувството на гордост е зголемено со фактот дека најпознатиот музеј на модерна уметност во светот им дава почит и значение на нашето културно богатство и не потсетува дека некои работи вреди да се чуваат и негуваат и по 40-50 години скиците и плановите на овие згради будат емоции и можност за ново откривање за следните генерации.

Крилото за дизајн и секојдневен живот ги открива зградите на Нов Белград, мебел на Нико Краљ, телефоните на Искра дизајн на Даворин Савник како и киоскот – трафика на Саша Јанез Махтиг кој сите го паметиме од нашето детство.

Изложбата ќе биде отворена до 13 јануари 2019 г. Њујоршката јавност и медиумите веќе се изјаснија дека за изложбата има огромен интерес и конечно после 50 години заслужена презентација.

Од Њујорк за OhridNews
Владимир Наумовски