Oд почетокот на 2014 година ќе започнат процедурите за реализација на практичната обука во странство на околу сто и педесет македонски менаџери кои беа опфатени преку проектот „Топ менаџмент“, информираше портпаролот на владата Александар Ѓорѓев. Овие менаџери веќе ја имаат поминато теоретската обука која опфаќа планирање, изработка на бизнис планови, лидерство, стратешко планирање, организација, вмрежување на бизниси и слично… Тие доаѓаат од компании од разни области на економијата како што се металопреработувачка индустрија, информатика, трговија, земјоделство, сметководство, прехранбена индустрија, туризам, консалтинг, шпедиција и слично.

Менаџерите ќе посетуваат практична работа во компании од Германија, Холандија и Велика Британија и други земји. Практичната работа ќе се одвива во компании кои имаат иста дејност како компанијата која ја раководи домашниот менаџер во дејноста во траење од 3 или 4 недели. Секој менаџер ќе работи со ментор од странската компанија и по завршувањето на обуката ќе има обврска да поднесе извештај и презентација пред другите колеги од проектот.

Во првиот квартал од годината Владата на Република Македонија ќе распише јавна постапка за ангажирање на странска консултантска куќа која согласно закон ќе биде носител на активностите од процесот. Таа ќе има за обврска да изнајде компании во странски земји каде што домашните менаџери ќе ја реализираат практичната обука, а обезбедат ментор од тие компании и да обезбедат логистика за менаџерите кои се дел од процесот и останати работи согласно спецификите на тендерската документација, истакна Ѓорѓиев.

OhridNews