Реализирана демонстрација на заедничка Оперативно-тактичка вежба „ХАРПУН 2022” од страна на припадниците на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ од Република Северна Македонија и Специјалниот одред за борба против тероризмот од МВР на Република Бугарија, во содејство со Одделот за воздухопловни единици при МВР на Република Северна Македонија денес во Охрид.
„ХАРПУН 2022“ претставува приказ на решавање на заложничка ситуација предизвикана од терористичка група од вода, копно и воздух, а ова е втора заедничка демонстрација на вежба од ваков вид за оваа година, по првата која се одржа во јуни 2022 година во Софија, информираат од МВР.
На вежбата присуствуваа министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски и заменик министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Венцислав Катинов.
Тие истакнаа дека ваквите заеднички активности треба да станат одржлива практика бидејќи придонесуваат за развој и зајакнување на директни и редовни контакти и продлабочување на практично ориентирана интеракција во борбата против терористичките закани. Ова е особено важно за двете земји, бидејќи како соседни земји и Република Бугарија и Република Северна Македонија се соочуваат со заеднички безбедносни предизвици и тие бараат заеднички напори. Министерот Спасовски и заменик министерот Катинов остварија и работен ручек на којшто заеднички високо ги оценија односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во областа на внатрешните работи. Двајцата изразија уверување дека активниот и отворен дијалог ќе продолжи и ќе се надградува и во иднина. Тие се обединија околу потребата од проширување на професионалните контакти за сите прашања од заеднички интерес, велат во соопштението од МВР.

Како резултат на првата заедничка обука и вежба, произлезе и денешната, во рамки на која специјалните антитерористички единици од двете земји уште еднаш ја потврдија својата подготвеност да одговорат на секакви предизвици, стручноста и професионалноста, но и заедничкиот интерес за натамошно унапредување и доусовршување на вештините кои се неопходно потребни за реализирање на своите секојдневни работни задачи, а со тоа и за зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста на двете земји. Специјалната антитерористичка единица – Тигар при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија претставува една од стожерните полициски формации и наша гордост како престижна, кредибилна и крајно професионализирана полициска организациона единица. Во комбинација со претставниците на Одделот за воздухопловни единици на Министерството, и генерално со претставниците на Одделот за специјални полициски операции, тие се во секојдневен костец за да се справат со комплексните безбедносни предизвици и пример за самопрегор, лична храброст и пожртвуваност, истакна министрот Спасовски, изразувајќи силна убеденост дека истото важи и за претставниците на Главната дирекција „Жандармерија, специјални операции и борба против тероризмот“ при Министерството за внатрешни работи на Република Бугарија.
На крајот од работниот ручек, министерот Спасовски нагласи дека денешната вежба „ХАРПУН 2022“ е уште еден показател за покажување на проактивност и посветеност во борбата против тероризмот, заедно со партнерите од Бугарија, како уште една добра порака на пријателство, соработка и партнерство.

На сите учесници во вежбата им беа доделени сертификати за успешно реализираната вежба, како и за спроведените обуки и размена на искуства.
OhridNews
извор. МВР











