Пет златни, пет сребрени и седум бронзени одличја, како и признание за најдобра кадетка за Миа Танеска.
Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација оствари извонреден успех на престижниот меѓународен турнир „Гран при 2026“ што се одржа во Зворник, Босна и Херцеговина, освојувајќи вкупно 17 медали во конкуренција на повеќе од 350 натпреварувачи од десет европски земји.
Македонскиот тим настапи со 17 натпреварувачи и се врати со биланс од пет златни, пет сребрени и седум бронзени медали, а посебно признание доби Миа Танеска од таеквон-до клубот „Хва Ранг ИТФ“ од Лескоец, која беше прогласена за најдобра кадетка на турнирот.
Најуспешен клуб беше „Хва Ранг ИТФ“ со четири златни, едно сребрено и четири бронзени одличја. Миа Танеска освои две злата, во спаринг борби за кадетки над 50 килограми и во форми за црвен појас, а покрај тоа го доби и пехарот за најдобра кадетка. Теодора Тодороска освои злато во форми за зелен појас кај младинки до 18 години и бронза во спаринг до 60 килограми. Анастасија Чулческа се закити со злато во форми за плав појас и бронза во спаринг до 65 килограми. Софија Колушоска освои бронза во форми за црн појас – прв дан, додека Тара Наумоска се закити со сребро во спаринг кај девојчиња од 8 до 10 години над 45 килограми. Еми Еми освои бронза во спаринг до 30 килограми.
Клубот „Гебек“ од Ресен освои едно злато, едно сребро и две бронзи. Медина Мусиќ беше најдобра во форми за жолт појас кај јуниорките и освои златен медал. Марија Тунтевска се закити со сребро во спаринг борби за јуниорки над 64 килограми. Владимир Димитриевиќ освои бронза во спаринг кај сениори до 78 килограми, а Димитар Андоновски бронза во форми за жолт појас кај кадетите.
Успешен настап имаше и клубот „Сонкал“ од Мислешево, Струга, кој освои три сребрени и еден бронзен медал. Кристијан Гагалески освои сребро во спаринг борби кај деца од 8 до 10 години до 30 килограми и бронза во форми за жолт виш појас. Павел Ѓикоски освои сребро во спаринг до 45 килограми, додека Максим Шулески се закити со сребрен медал во форми за жолт појас.
Од Македонската Традиционална Таеквон-до Федерација упатија благодарност до генералниот спонзор „ПН Метал“, како и до Општина Охрид и Министерството за спорт за поддршката во реализацијата на настапот и развојот на младите спортисти.
OhridNews

























