Културното и природното богатство, традиционално подготвената храна и убавото вино ќе бидат главните адути, со кои Македонија ќе се претстави на саемот за туризам „IFTM“ кој од денеска до 2-ри октомври ќе се одржува во Париз, Франција.

Оваа престижна саемска манифестација е еден од најголемите туристички настани во Франција, на кој годинава се очекува да бидат презентирани стотина земји и региони.

Според распоредот на настани од ,,Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот” за 2015 година, свој изложбен штанд Македонија ќе има и на Саемот за туризам „ТТG Incontri“ кој од 8-ми до 10-ти октомври ќе се одржува во Римини, Италија. Исто така Македонија ќе биде дел и од саемот „World Travel Market“ кој ќе се одржи од 2-ри до 5-ти ноември 2015 година во Лондон, Велика Британија.

Инаку во текот на оваа година, Македонија ги презентираше своите туристички можности на саемите во Утрех, Истанбул, Брисел, Софија, Белград, Берлин, Москва, Гетебург, Келн и Токио.

OhridNews