Министрите за земјоделство на Република Словенија, Александра Пивец и на Република Северна Македонија, Љупчо Николовски, претседателкката на советот на Општина Охрид Живка Ангелоска, наставници и ученици од ОУ „Братсво и Единство“ во населбата Лескајца во Охрид, утрово присуствуваа на заеднички појадок  организиран од Амбасадата на Република Словенија, со што беше одбележан Светскиот ден на пчелата 20 Мај.

 

Пчеларството како гранка во нашето земјоделство има долга традиција, а историските докази покажуваат дека производството на мед датира уште од антички времиња, истакна меѓу другото министерот Николовски. Тој рече дека во Република Северна Македонија денес има околу 90 илјади пчелни семејства, од кои голем дел на автохтон род македонска пчела за која студиите покажуваат дека преживува значително подолго од новововедените видови во регонот и тоа без каков било третман.

Минатата година ја потпишавме Декларацијата со која се обврзуваме за сите тие цели, но и за подигнување на јавната свест за улогата на пчелите и другите опрашувачите за зголемувањето на приходите и за зачувувањето на здравата животна средина, подвлече Николовски.

Министерката за земјоделство на Словенија Александра Пивец, истакна дека минатогодишната иницијатива на Република Словенија за прогласување на 20 мај за Светски ден на пчелата имала за цел да се потсети светската јавност за важноста на здравјето на пчелите, посочувајќи дека секоја трета лажица од храната во светски рамки е обезбедена благодарение токму на пчелите.

Наша цел не беше само да се прогласува Денот на пчелата само како светски празник на храната, туку пред се да се алармира светската јавност за потребата од заштита на пчелите и поголема грижа за нивното здравје, рече таа.

Пчелите имаат исклучително значење, не само за процесите во природата, туку и за опстанокот на човекот. Без нив човештвото какво што го знаеме е доведено во опасност, истакна претседателката на советот на Општина Охрид Живка Ангелоска.

За значењето на пчелите зборуваа членови на здружението на пчелари од Охрид, а настанот со пригодна програма го збогатија учениците од ОУ „Братсво и Единство.

Централната манифестација по повод Светскиот ден на пчелите, 20 Мај,  ќе се одржи на улицата „Македонија“ во Скопје.

OhridNews