Македонското Обвинителство отвора истрага за смртта на двајцата планинари што загинаа на Кајмакчалан, дознава „Макфакс“. Според извори од Обвинителството, се чекаат резултатите од обдукцискиот наод изготвен од Судската медицина во Солун, по што ќе бидат преземени потамошни истражни дејства. Од Обвинителстовото засега не откриваат кој сè ќе биде сослушан во врска со трагедијата што се случи на Кајмакчалан, дали ќе бидат земени изјави од учесниците на двонеделната планинарска тура, водичите и организаторите од планинарското друштво „Трансверзалец“ од Скопје.

„Сè зависи од тоа кога ќе стигнат наодите од Грција“, велат од Јавното обвинителство. Истрага за случајот се води и од страна на грчките надлежни институции, кои соработуваат со македонската полиција за расветлување на причините за трагедијата.

Првичните информации од обдукцијата на телата на загинатите планинари покажува дека причина за настанатата смрт била хипотермија. 26-годишната Калина Велевска и 35-годишниот Александар Миновски загинаа на 10 февруари по бурата што ги зафати на планината Ниџе. Со помош на хеликоптер, 3 возила и 13 лица од службата за спасување двете тела следниот ден беа извлечени од бездната.

Во барањето за обдукција на телата на Калина и Александар од 11 февруари испратено од полицијата во Воден до Судската медицина во Солун, се наведува дека грчките специјални единици за справување со катастрофи ги пронашле Калина и Александар уште во саботата вечерта околу 22 часот – или околу осум часа по нивното исчезнување. Се обиделе да го спасат Александар, кој сè уште бил свесен, при што употребиле ремен за да го извлечат. Но, во текот на извлекувањето, поради непозната причина, ременот се откачил и Александар паднал на стрмната падина на уште поголема длабочина. Грчките спасувачи од Солун изјавиле во полиција дека Калина тогаш не покажувала знаци за живот, ниту на чувствителност, поради што претпоставката е дека веќе била почината.

Во полицискиот документ што го добиле семејствата на загинатите се наведува дека по неуспешниот обид за извлекување на Александар и поради темнината и лошите временски услови, односно силниот снег и ветерот, било невозможно планинарите да бидат лоцирани.

OhridNews
Извор: Макфакс