Македонците се уште живеат четири години помалку од жителите на членките на Европската унија, покажуваат податоците на Светската здравствена организација (СЗО) кои денеска беа презентирани во Скопје по повод 7 април, Светскиот ден на здравјето, пренесува Макфакс.

СЗО и Обединетите нации по повод овој ден,  повикуваат на здраво живеење и грижа за постарите лице, а годинешното мото е „Доброто здравје им додава живот на годините“.

Посебна студија за причините за пократкиот век на Македонците нема, но Марија Кишман, шеф на канцеларијата на СЗО во Македонија вели дека врз ова влијаат социоекономските услови, условите на живеење, исхраната.

Просечната возраст на светското население се зголемува, а со тоа и староста на населението на Македонија која за прв пат поминува во т.н коефициент на старо население со 12 отсто жители кои имаат над 60 години.

Проекциите на ОН се дека до 2050 година во нашата земја околу 33 отсто од населението би имало над 60 години. Најстаро е населението во Пелагонискиот регион, а најмладо во Полошкиот регион.

Со оглед на тоа што населението се повеќе старее усвоена е Национална стратегија за стари лица 2010-2020 година. Кишман препорачува старите лице да не плаќаат партиципација, унапредување на капацитетите на геријатриските служби и зголемен опфат за вакцини на старите лица.

Во рамките на заедничката програма на ОН „Јакнење на националните капацитети за превенција од семејното насилство“, СЗО  спроведе истражување за застапеноста на насилството кај старите лица.

Секое трето лице над 65 години или 32 отсто од старите лица во Македонија искусиле некаков вид на насилство, покажало истражувањето.  Старите лица најмногу биле изложени на психичко насилство, но и финансиско, физичко, сексуално или биле запоставувани. Злоупотребите најмногу се случувале дома од страна на нивните партнери, синови или снаи.

Министерот за здравство, Никола Тодоров  смета дека Македонија добро се справува со семејното насилство.

„Со особено големо задоволство можеме да го видиме прогресот во справувањето со семејната насилство во нашата земја. Многу можности за напредок се отворена благодарение на заедничката програма за јакнење на националните капацитети за заштита од семејно насилство со поддршка на СЗО. Досега 1900 лекари педијатри, психијатри, лекари од итните медицински служби од примарна здравствена заштита и гинеколози беа обучени за примарна превенција за рано откривање на насилство во соработка со професионалните лекарски здруженија од европското лекарско друштво“ вели Тодоров.

„Ние како Влада и како Министерство направивме повеќе измени на законите, а во изминативе три години, Министерството за труд и социјална политика интензивно работеше и на реализација на Националната стратегија за превенција од семејно насилство. Една од активностите е и проширување на мрежата на засолништата за жртви на семејно насилство“ изјави министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристевски.

OhridNews
извор:„Макфакс“