Одбележувањето на 1000 годишниот јубилеј на Охридската Архиепископија е настан кој ја потврдува вековната вистина врз која се потпираат минатото, сегашноста и иднината на Македонија, истакна поглаварот Г.Г. Стефан на свечената академија што се одржа вечерва во катедралната црква Св. Софија во Охрид. Историјата на Охридската Архиепископија е историја на духовна независност и сувереност на нашата земја, која за жал се уште се негира, рече поглаварот Г.Г. Стефан, посочувајќи дека Македонија од јаболко на раздорот може да стане алка која ќе го обедини Балканот.

-Историјата на Охридската Архиепископија одела со историјата на нашиот народ, како што тоа некогаш било така е и денес, кој ја признавал црквата го признавал народот кој не ја признавал го негирал народот и се што е македонско….дури и тие кои духовно проодеа благодарение на Охридската Архиепископија не го прифаќаат нејзиното возобновување.- изјави Г.Г. Стефан.

Малубројни се црквите кои оставиле таква трага во историјата како Охридската Архиепископија рече митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј. Возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на МПЦ пред 51 година, е уште еден историски чин кој го потврдува и оправдува нејзиното постоење, рече тој.

-Од 3 епархии денес се отворени 12. Отворени се високообразовни институции, од незабележително монаштво имаме над 200 монаси, возобновени се многу цркви и храмови со што се оправдува возобновувањето како автокефална и независна.- изјави г.Тимотеј.

Борбата за рамноправност на МПЦ – Охридска Архиепископија е идентична на таа на македонската држава истакна во своето обраќање на свеченоста премиерот Заев.

-Сите идни премрежја на ОА се премрежја на народот кој себеси се нарекува македонски и се бори да го избори своето место како рамноправен признаен европски народ со автентичен идентитет.- изјави Заев.

На свеченоста се обрати и претседателот на државата Иванов кој истакна дека црквата покрај историска улога има голема општетствена улога, а за да ја исполни треба да црпи од традицијата на Охридската Архиепископија.

-Само така независно дали е признавана или нe МПЦ – ОА ќе продолжи да биде дел од едната света апостолска соборна црква.- изјави претседателот Иванов.

На чествувањата на милениумсииот јубилеј на Охридската Архиепископија, немаше високи претставници на останатите православни цркви, иако сите биле поканети во Охрид. 

Чествувањата на јубилејот продолжуваат утре со црковни свечености.

Горан Момироски
Фото: Мега Продукција