Последниот еколошки инцидент, кога поголема количина гориво се излеа во Охридското Езеро, е уште еден доказ за ниската свест на граѓаните, сметаат екологистите. Тие посочуваат дека езерото има голема моќ на самопречистување, но предупредуваат дека ваквите еколошки инциденти не се  безопасни.

-Езерото до некаде може да трпи, меѓутоа доколку и натаму се излева гориво тоа може да биде лошо, бидејќи таквите материи се тешко разградливи и се мошне опасни за живиот свет. Делуваат многу шететно, бидејќи се акумулираат во живите организми и влегуваат во синџирот на исхрана.-вели Ѓоко Зороски, инженер по животна средина.

За да се избегнат слични ситуации во иднина, надлежните планираат изградба на марина за безбедно опслужување на пловните објекти. Првичната заложба на локалната самоуправа беше таа да се изгради кај каналот Студенчишта, на што се спротистави Министерството за животна средина. Локалната самоуправа како нова локалција сега го предлага заливот кај стадионот Грашница во населбата Воска.

-Има и работни верзии за проектот, кои ги имаме доставено до Министерството за животна средина, до Хидробиолошкиот завод и Капетанијата, за да дадат свое мислење во однос на идејата за изградба на марината на нова локација кај стадионот Грашница.-изјави Бранко Арнаудоски, раководител на секторот за туризам и заштита на животната средина.

Со изградбата на марина се предвидува дислокација на сите пловни објекти од каналот Студенчишта, но според екологистите за ефикасна заштита на езерото мора да се размислува за замена на конвенционалните мотори.

-Треба да се користат мотори со обновливи извори на енергија. На тој начин би се избегнала опасноста од загадување на езерото, смета Зороски.

Во последните три години на Охридското Езеро се случија три посериозни еколошки инциденти, но ниту еднаш не беше откриен причинителот на загадувањето.

Г.М.