Со признанието „Ученик на генерација“ годинава е одликуван Марио Велкоски, ученик од класот IV-5 во здравствената струка, како потврда за неговите извонредни резултати, посветеност и континуирана желба за напредок во текот на средното образование, информира Општинското среднотостручно училиште „Св. Кирил и Методиј“ – Охрид (Економско).

Во образложението за доделувањето на признанието се истакнува дека Велкоски се издвоил со високото ниво на одговорност, дисциплина и професионален однос кон наставните и практичните обврски, претставувајќи позитивен пример за своите соученици.
Покрај одличниот успех, тој активно учествувал и во училишниот живот, а училиштето успешно го претставувал и на бројни спортски натпревари во кошарка. Со својот тимски дух, спортско однесување и борбеност придонел за афирмација на училиштето и постигнување значајни резултати.
Како ученик кој ја избрал здравствената струка, препознаена како една од најхуманите и најодговорните професии, Марио Велкоски остава траен белег во училиштето не само преку своите образовни достигнувања, туку и преку хуманоста, чесноста и одговорноста што ги покажувал во текот на школувањето.
Од училиштето му посакуваат многу успех во понатамошното образование и професионалниот развој, уверени дека и во иднина ќе биде достоен претставник на знаењето, хуманоста и вистинските вредности.
OhridNews












