Меѓународна конференција посветена на балканската предисторија од денес до 27 ноември ќе се одржи во Охрид. Овогодишното осмо издание на конференцијата на Центарот за истражување на предисторијата се организира во рамки на меѓународниот проект Common Cultural Heritage, а на истата студенти и стручњаци ќе ги презентираат стекнатите сознанија за време на работилниците и воедно ќе приложат нови перспективи за предисторијата во Србија, Албанија и Македонија.
Конференцијата е финалниот настан од проектот на Центарот за истражување на предисторијата од Скопје, Институтот за археологија од Тирана и Филозофскиот факултет од Белград и кој претставува прва заедничка соработка меѓу македонски, албански и српски археолози, информираат организаторите.
Во рамки на проектот стручњаци и студенти работеле заедно на неолитските локалитети Влахо во Македонија, Поградец во Албанија и Винча во Србија, каде што освен усовршувањето на методите на истражување ги следеле и предисториските врски меѓу заедниците кои живееле на овие простори пред повеќе илјади години
Ваквиот пристап во проектот овозможува создавање на нова генерација стручњаци кои потемелно ќе ја проучуваат поврзаноста меѓу предисториските општества и тоа надвор од границите на денешните држави. На тој начин се придонесува кон посилно вмрежување на повеќе генерации археолози кои претходно поради политичките бариери не соработуваа меѓу себе, додаваат.
Во рамки на проектот била изготвена брошура и промотивен материјал каде се сумирани резултатите од взаемната соработка меѓу македонските, албанските и српските археолози, а истите, според организаторите, ќе бидат достапни на веб сајтот на Центарот за истражување на предисторијата после одржувањето на конференцијата.
Проектот ‘Common Cultural Heritage: interregional research and prehistoric dialogues’ е финансиски подржан од Фондот на Западен Балкан и Европската Унија во состав на Joint Regional Grant Scheme, како дел од програмата IPA (Instrument for Pre-Accession).
OhridNews
фото. Раул Сотерас











