Македонскиот документарен филм „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов доби две номинации за Оскар, за најдобар документарец и за најдобар странски филм. Ова е првиот македонски филм со две номинации за Оскар, со што „Медена земја“ испиша историја.

  • Ова е прв пат во историјата на Оскарите документарен филм да е номиниран во две категории, што значи дека ова не е само успех со историски размери, туку истово потврдува дека документариот јазик влегува во ерата на негово вистинско вреднување, каде стои рамо до рамо со фикционалната нарација, а заради својата реалност заслужува посебна опсервација. Провоцира искрено сочувство, кое не се заборава после гледањето на филмот. Големо е достигнувањето на филмот. Големи се фестивалите, кои го слават и величаат. Но уште поголема треба да биде промената на која се надеваме. Таа промена тргнува од секој од нас поединечно. Филмот повикува на скромност, а кога ја гледаме љубовта во очите на гледачите, силно веруваме дека пораката е препознаена и дека скромноста е новото време низ кое со радост ќе зачекориме. Уште еднаш, бескрајна благодарност до членовите на Акедемијата што филмот го нарекоа – МАТЕРИЈАЛ ЗАСЛУЖЕН ЗА ОСКАР, велат од тимот на „Медена земја“.

Деведесет и второто доделување на престижните Оскари е закажано на 10 февруари во театарот Долби во Холивуд. Преносот  почнува околу 2 часот пополноќ, според средноевропско време.

OhridNews