Над 150 настаници и експерти од областа на образованието од регионот, но и од САД, Велика Британија, Словенија и Малезија, учествуваат на дводневната Меѓународна конференција која се одржува во Охрид, на тема „Оценување за учење во 21 век“.

Учесниците расправаат околу подобрувањата на концептот на оценувањето во училиштата, се со цел да се зголеми квалитетот на учењето и поучувањето, како и да се придонесе кон оптимален индивидуален напредок на секој ученик.

Лела Јаковлеска виш специјалист за образование при УСАИД, посочи дека современото образование го менува фокусот од оценување на наученото кон оценување за учењето. – Тоа значи дека фокусирањето треба да е повеќе ставено врз оценувањето како процес, на обезбедувањето повратни одговори од страна на учениците и родителите, а не истото да е само фокусирано врз резултатот, потенцира Јаковлеска.

На конференцијата беше истакнато и дека стекнатото знаење во текот на образовниот процес е далеку поважно од самото оценување, и токму оттаму важноста на формативното оценување, како метод на следење, проверување на знаењата.

Од страна на учесниците од Словенија беше потенцирано дека во однос на формативното оценување, во нивната земја изминатите пет години големо внимание се посветувало на поттикувањето на измените во пристапот при пренесувањето на знањењата врз учениците. Како најефикасна метода, според словенечните искуства, се покажала работата кога експерти заедно со наставниците работат со учениците оттаму што, формативното следење е таква форма на дидактика кога се работи преку свеовидно уметничко творење.

Конференцијата е дел од Проектот на УСАИД за основно образование кој стартуваше во 2005 година и е наменет за сите основни училишта во Македонија. Целта на проектот е да го зајакне образованието во Република Македонија и да ги поддржи напорите за децентрализација на земјата во нејзиниот пат кон Европа.

OhridNews