Со свечена церемонија на легендарниот стадион „Estadio Azteca“ во Мексико Сити и победа на домаќинот Мексико над Јужна Африка од 2:0, официјално започна Светското првенство во фудбал 2026, најголемиот спортски настан во светот годинава. Турнирот за првпат се одржува во три земји: Мексико, САД и Канада, а за првпат во историјата учествуваат 48 репрезентации.

Пред повеќе од 80.000 гледачи, свеченото отворање понуди богата музичка и културна програма со настапи на светски и латиноамерикански музички ѕвезди.

Во првиот натпревар од групата А, Мексико ја совлада Јужна Африка со 2:0. Историјата ја испиша Хулијан Кињонес, кој го постигна првиот гол на Мундијалот во деветтата минута, додека Раул Хименез во второто полувреме ја потврди победата на домаќините. Мексиканците мечот го завршија со играч помалку по исклучувањето на капитенот Сесар Монтес, додека Јужна Африка остана без двајца играчи поради црвени картони, откако беа исклучени Шефело Ситоне и Темба Зване.

На отворањето на шампионатот се одигра уште еден натпревар од групата А, меѓу Јужна Кореја и Чешка. Славеа јужнокореанците со 2:1

Светското првенство ќе трае до 19 јули и ќе опфати рекордни 104 натпревари во 16 градови домаќини низ Северна Америка. Денеска на програмата се и првите настапи на другите два ко-домаќини. Канада од 21 часот во Торонто ќе игра против Босна и Херцеговина во групата Б, додека САД во Лос Анџелес ќе се соочат со Парагвај во групата Д. Мечот почнува во 3 часот по полноќ по европско време.

Бранител на титулата е Аргентина, а љубителите на фудбалот во наредните пет недели ги очекува најголемиот и најмасовен Мундијал во историјата.

OhridNews