Демократската партија на Албанците(ДПА) на локалните избори  закажани за 22 март годинава ќе настапи самостојно, а во вториот круг за избор на претседател на државава најверојатно ќе поддржи кандидат од политичка партија која е подготвена да разговара и да ја исполни политичката платформа на ДПА. Ова денеска во Струга го изјави претседателот на ДПА, Мендух Тачи.

Овојпат Владата треба да биде свесна дека токму таа ќе биде најодговорна ако изборите не бидат во ред и регуларни, рече Тачи.
Според него, Имер Селмани и неговата партија не се конкуренција на ДПА, туку на Ахмети и на ДУИ, како и на сите кои сакаат по секоја цена да бидат на власт.

Неколку пати зборував дека одредени високи функционери од ДУИ кои имаат кривични пријави за тешки кривични дела на денот на изборите и пред изборите се наоѓаат на одговорни функции. Ако тие случаи не одат на суд, тогаш ние навистина не можеме да се надеваме  на добри избори, образложи Мендух Тачи.

Тој денеска присуствуваше на изборното собрание на струшкиот огранок на партијата. За кандидат за градоначалник на Струга од редовите на Демократската партија на Албанците е избран Менди Ќира.

Првиот човек на ДПА, Мендух Тачи, најави дека партијата ги почитува изборните процедури, а од утре, на секои два-три дена, ќе се избираат кандидати за градоначалнички фотелји и во другите ограноци на ДПА.

А.Р.