Прецизно определување на клучните точки со можни безбедносни проблеми, обезбедување на функционални и теренски возила, ажурирање на списокот на фирми кои на тендер добиле овластување за одржување на патишта со оперативен план за дејствување e исходот од состанокот на СВР Охрид со претставници на надлежните субјекти и институции задолжени за одржување на патиштата и улиците како и претставници на фирмите кои изведуваат градежни работи на автопатот Охрид- Кичево.

ЦУК  постојано ќе ја следи состојбата на патиштата на подрачјето и заедно со СВР Охрид ќе ги координира мерките на сите субјекти вклучени во градежните работи на магистралниот пат Охрид-Кичево за да се решат пропустите констатирани од надзорите на Државниот инспекторат за транспорт и МВР, информираа од СВР Охрид.

На состанокот било договорено и да се преземат активности за постојано чистење на снежните наноси од коловозот, посебно на местата каде што изведуваат градежни работи, да ја засилат светлосната сигнализација во зимски  услови на отежнат сообраќај.

Предвидена е нагласена соработка со Агенцијата за патишта, навремено меѓусебно информирање за состојбите со снежни врнежи, наноси и за другите услови на регионалните и магистрални патишта на целото подрачје што го покрива СВР Охрид, целосно придржување до предвидените количини абразивни средства за зимско одржување на коловозите, додаваат од СВР Охрид.

Целта на овие мерки е подигнување на безбедноста во сообраќајот во претстојната зимска сезона и преземање ефикасни и навремени интервенции при евентуални временски неприлики и елиминирање на застои и прекини во сообраќајот.

Договорена е интензивна комуникација и координација на јавните претпријатија со фирмите кои добиле овластувања за одржување на патиштата и улиците а ЈП Комуналец  да изврши отстранување на забавувачите на брзина поставени на коловозите и столпчињата за одделување на велосипедските патеки со цел непречено чистење на коловозните ленти, посебно во централното градско подрачје, велат од СВР Охрид.

СВР Охрид ќе врши зајакнати контроли и преземање на превентивни и репресивни мерки за непостапување по законските прописи и непреземање на мерки од страна на сите субјекти.

OhridNews