Мерките кои беа преземени од страна на АД Електрани на Македонија со цел прилагодување на испустот на вода од Охридското езеро во Црн Дрим на режим на биолошки минимум, ќе се применуваат на неодредено време се до зголемувањето на водостојот на Охридското езеро, информираат од ХЕС Црн Дрим.


– АД Електрани на Македонија, го прилагодува испустот на вода од Охридско Езеро во Црн Дрим според  котата на езерото согласно референтните податоци на УХМР. Иако максималниот испуст се движи од 60 до 80 метри кубни во секунда, согледувајќи го сушниот период во охридското сливно подрачје, во последните 60 дена се прилагодува на драстично помал истек кој се движи од 21 метри кубни во секунда и тој во меѓувреме постојано се намалува. Во неделата се испуштаа 7 кубни метри во секунда, а од понеделникот во попладневните часови во целост е затворен испустот кај вливот на реката Црн Дрим, односно прилагоден на режим на биолошки минимум, велат од ХЕС Црн Дрим.

Според податоците на екипите на УХМР кои деновиве престојуваа во Охрид, утврдено е дека нивото на езерото било 4 см под дозволениот минимум. Оваа информација веднаш беше проследена до ЕЛЕМ, на што тие веднаш реагираа со намалување на истекот кај Струга.

Од УХМР информираат дека во текот на целиот месец декември (2016г.) на метеоролошката станица во Охрид има забележано само 10 л/м2 врнежи, вредност која е под просекот и која за периодот од 1981-2010 изнесува 81 л/м2, што значи цели 71 л/м2 помалку од просечната вредност. Во месецот кој изминува на метеоролошката станица во Охрид има забележано само 18 л/м2 и тоа врнежи кои главно беа во вид на снег. Просекот за месец јануари за периодот од 1981-2010 изнесува 59 л/м2, што значи врнежите беа помали за 41 л/м2 под просечната вредност.

– Ваквата состојба со врнежите директно влијае на нивото на езерото и очекувана е ваква реакција на езерото, т.е. ниски водостои и сосема е нормално оваа тенденција да продолжи, затоа што во зимските месеци очекувани се мимимални зимски екстреми пред се поради слабите врнежи, но и поради ниските температури кои влијаат негативно на природниот истек, велат од управата.

Оттаму потенцираат дека на нивото на езерото секако има влијание и начинот на кој се стопанисува со езерото. Поточно колку вода се испушта. Со намалувањето на испустот на водата од Охридското Езеро кај Струга, се очекува во наредниот период нивото во езерото да стагнира, па постепено да почне да расте.

Т.К.