На вториот работен ден на состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет, на кој учествуваат пратениците Горан Милевски, Антонијо Милошоски, Жаклина Лазаревска, Реџеп Мемеди, Бетиан Китев и Ејуп Алими, се дебатираше за меѓуетничките односи, соседството и регионалната соработка, имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, новиот закон за употреба на јазиците и за активностите по самитот во Трст, во рамките на Берлинскиот процес, информираат од македонското Собрание.

Беше нагласено дека битни елементи на процесот на проширување на ЕУ се добрососедските односи и регионалната соработка и беа поздравени повеќе регионални иницијативи и процеси кои му даваат дополнителна динамика и импулс на процесот на проширување .

Во однос на меѓуетничките односи во Република Македонија, беше нагласено дека имплементацијата на Рамковниот договор е нераскинливо поврзана со процесот на европската интеграција на земјата. Целосната имплементација на Договорот беше оценета како камен темелник за понатамошно градење на демократско општество со мултиетнички карактер, како рамка за обезбедување на иднината на демократијата во Македонија и овозможување на развојот на поблиски и поинтегрирани односи помеѓу Република Македонија и евроатлантската заедница.

„Берлинскиот процес“, како политички процес, беше опишан како комплементарен на евроинтеграцискиот процес, со цел да обезбеди рамка на меѓусебно помирување на земјите од Западен Балкан по пат на тесна регионална соработка, а во насока на достигнување на економски развој и раст, отворена пазарна економија, односно постигнување на забрзан реформски напредок во интерес на поскора интеграција кон ЕУ.

На крајот на состанокот, пратениците од Собранието на Република Македонија и пратениците на Европскиот парламент со мнозинство гласови усвоија Завршни препораки до институциите на Република Македонија и на Европската Унија.

Мешовитиот парламентарен комитет, nнајостро ги осудува насилните напади од 27 април 2017 во Собранието; нагласува дека одговорноста за овие насилни инциденти треба да се утврди без одлагање, во согласност со законот, на транспарентен, независен и пропорционален начин, со почитување на презумпцијата на невиност; инсистира дека законските постапки не смеат да се користат за политички цели и да попречат на процесот на помирување. Нагласува дека филибастеринг и неучеството во парламентарните активности и секој друг облик на попречување на работата не придонесува кон правилното функционирање на Парламентот и кон помирувањето; позитивно укажува на обидите на Собранието да ги вратат постепено механизмите на заемна контрола на извршната власт, да ги фокусираат своите активности на одамна неопходните реформи, зајакнувајќи ги притоа своите надзорни капацитети; нагласува дека работата на етичкиот кодекс и наДеловникот за работа на Собранието и мора да продолжи; се надева дека дека идниот дијалог Жан Моне ќе придонесе за поголема атмосфера на компромис и подобро функционирање на Парламентот. Во заклучокот се поздравуваат неодамнешните чекори за зајакнување на билатералните односи со соседните земји во рамки на одржување на добрососедски односи.

OhridNews