Уште само еден чекор нѐ дели од она за кое сите заедно сонуваме. Ништо не е невозможно. Победата е на дофат, a излезноста е клучот, истакна вечерва од Охрид лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Благодарам на секоја една охриѓанка и охриѓанец, кои ја дадоа поддршката во првиот круг. Сега повторно ја барам поддршката во вториот круг, затоа што искрено верувам дека Кирил Пецаков е вистинската одлука за промени, проекти и победи во Охрид. – рече Мицкоски во обраќањето вечерва на Долни сарај по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.
Мицкоски најави нова иднина за Македонија, исправање на неправдите во општеството и победа над делбите. Оцени дека за премиерот и лидер на СДСМ Заев ова е „последната сламка на спас“, посочувајќи дека не е незаслужено што народот е против него по толку многу разочарувања и неисполнети ветувања, дотолку повеќе што во 52 месеци власт тој најмалку три пати јавно кажа дека ја разбрал неговата порака
Сите жолти картони се потрошени, на ред е само црвениот. А тој овој пат е кај неговото височество – народот. – рече Мицкоски.
Ќе имаме искрен однос кон соседите, како тие нам, така ние ним
Во однос на односите со соседите, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има искрен однос на почит и пријателство и секогаш пријателски пружена рака кон нив, но со целосно право да ги заштитиме интересите важни за Македонија. Тоа го кажувам јасно и отворено, кажувам отворен став за соработка и почитување, но и одбрана на она во што веруваме, а тоа е реципроцитет, како тие нам, така ние ним, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Потребно е да се издигнеме над облаците на измамите и пазарењата кои ни ги носи Владата со нашите соседи. И во тој контекст немаме право да се лутиме против Бугарија, бидејќи природно е тие да ги штитат своите интереси, она што навистина боли е што нашата Македонија ја водат луѓе кои се подготвени да прифатат се, да се пазарат со се. Не е во прашање недостиг на разбирање од двете страни, туку недостиг на мудрост од македонската Влада, истакна Мицкоски.

Г.М.












