Заев јавно да се откаже од Договорот со Грција, да се оди на избори, а по изборите да се фомира ново јавно обвинителство кое ќе го замени СЈО и ќе ги доистражи прислушуваните разговори и испита сомнежите за криминал на Владата, побара на денешната прес конференција претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски, рече дека обвинителството би го заменило специјалното јавно обвинителство по завршување на неговиот мандат и ќе го испитува и периодот на работење на актуелната Влада.

„Заев веднаш да се откаже од договорот со Грција и тогаш ајде на избори па народот да одлучи. Притоа ВМРО-ДПМНЕ после изборите ќе поддржи создавање на нова обвинителска институција за сузбивање на организираниот криминал и корупција веднаш по завршување на мандатот на постојното политизирано СЈО, но овој пат професионализирано и водено од јавен обвинител избран по пат на консензус на партиите кој ќе работи на случаите на постојното СЈО, а воедно ќе има и можност да ги доиспита незаконски прибавените снимени материјали за кои се тврдеше дека поради кусиот мандат не се испитани. Новото обвинителство ќе го испита и периодот на работење на актуелната Влада и сите афери поврзани со Владата вклучително и нерегуларностите на референдумот, но и сите материјали стекнати од незаконското прислушување кои се однесуваат на Зоран Заев и СДСМ“, рече претседателот на ВМРО ДПМНЕ.

Мицкоски побара Пржинска техничка влада иста каква што имаа СДСМ пред изборите во 2016 година и Анкетна комсија за испитување на нерегуларностите на референдумот.