Бараме од УНЕСКО период од шест години во којшто сите забелешки кои се констатирани од минатото за Охридскиот регион ќе можеме да ги исправиме, рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање на Охридњуз во врска со очекувањето на одлуката од УНЕСКО за статусот на Охридскиот регион по последниот предлог на Комисијата за светско наследствоз заштитеното културно и природно богатство на Охрид да се стави на листа на универзални вредности во опасност.
Ќе видиме сега што ќе биде заклучокот и што ќе добиеме. Ние бараме шест години – период во којшто тоа што било констатирано како недостаток, односно пробблем од минатото ќе го исправиме. Не можеме едноставно за две години да исправиме нешто што е три и пол децении расипувано, а во овој случај богами и малку повеќе, кога станува збор за дивоградбите и за сето тоа коешто е правено покрај Охридското крајбрежје. Така што, ние побаравме, ги аргументиравме нашите позиции, ги претставивме нашите аргументи. Сега останува до УНЕСКО да одлучи, рече Мицкоски.
Посочи дека одлуката која што ќе ја донесе УНЕСКО не зависи само од нашата држава, туку и од нашиот сосед бидејќи, како што рече, Охридското Езеро го делиме со Албанија.
Ние сме подготвени да направиме таква мешовита комисија каква што се бара и тоа ќе го направиме, ќе бидеме условно кажано, проактивни. Не знам зошто досега не било направено тоа изминативе децении, но еве ние тоа ќе го направиме. Од наша страна постои постои желба, но верувајте, правиме сѐ што можеме, но сега веќе не зависи од нас, туку само од УНЕСКО, потенцираше премиерот Мицкоски.
Инаку, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО предлага Охридскиот регион да биде впишан на Листата на светско наследство во опасност. Како причини ги наведуваат слабото прекугранично управување, отсуството на сеопфатна Стратешка оценка за влијанието врз животната средина, нерешеното урбанистичко планирање и дивоградбите, континуираните развојни притисоци и одложувањата во управувањето со отпадните води и отпадот, кои, велат, предизвикуваат сериозно влошување на исклучителната универзална вредност на доброто. Од Албанија и Македонија се бара до 1 февруари 2027 година да изготват заеднички корективни мерки со јасна временска рамка за нивна реализација и да достават нов извештај за состојбата.
Конечната одлука за статусот на Охридскиот Регион треба да биде донесена на 48-та сесија што ќе се одржи од 19 до 29 јули во Бусан, Јужна Кореја.
Н.С.Ј./Г.М.















