Дневната заштеда на граѓаните со владината мерка за горивата е повеќе од 200.000 евра, а неделно се очекува да биде 1,5 милион евра според направената анализа, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираниот Регионален центар за средно стручно образование „Моша Пијаде“ во Општина Тетово. Потенцираше дека состојбата се следи многу внимателно и дека има уште неколку мерки, граѓаните и бизнисот да бидат спокојни.
Ќе ја следиме состојбата и наместо да бидеме реактивни, ќе бидеме проактивни. Ќе повторам, кај нас во моментот има убедливо најниска цена на дизел гориво и на безоловни бензини, односно 95 и 98 октански, споредено со било кои од земјите во регионот, рече Мицкоски.
Посочи дека има предизвици и ќе има, но електро-енергетската состојба во државата е исклучително стабилна, како и снабдувањето со нафта и нафтени деривати.
Во овој момент не само што ги задоволуваме домашните потреби, туку поради најниската цена на бензините и дизел горивото во регионот имаме многу граѓани од соседните држави коишто полнат гориво на бензинските пумпи кај нас. Притисокот е најголем на западната, северната и јужната граница. На запад Охрид, Струга и Дебар, на југ тоа се Битола и Гевгелија, на север тоа е Куманово. Некаде околу 150 илјади литри на ден имаме зголемена потрошувачка, доколку се спореди тоа со она коешто е вообичаена потрошувачка од минатото.
На прашањето дали се планира да се намали акцизата наместо ДДВ-то како по примерот во Хрватска и Србија, Мицкоски рече дека како земја имаме најниски давачки кон Владата, кога станува збор за бензините и за дизел горивото.
Да речеме Хрватска е речиси двојно поголема од колку кај нас, исто така и соседна Србија. Правевме анализа, имајќи ги предвид цените на берзите за безоловниот бензин 95 и 98 октани и дизелот, а согласно закон, репер берза за нас е италијанската берза, односно ФОП Италија, на место на испорака таму. Дојдовме до заклучок дека доколку би интервенирале во акцизите, тогаш намалувањето за бензините безоловниот 95 и 98 октански ќе беше 1 денар по литар, а за дизелот ќе беше 2 денара по лита. Затоа одлучивме да имаме поробусна, поголема интервенција и на овој начин се намалуваат цените, отприлика за 6,5 до 7 денари по литар. Но се разбира состојбата ќе ја следиме и како следна мерка кога веќе тоа намалување би било позначајно, ќе го имаме и тоа предвид. Но сега сакавме поголема, поробусна интервенција за веднаш да почувствуваат граѓаните, да нема зголемување драматично коешто би удрило на стандардот на граѓаните, потенцираше.
Воедно, истакна дека досега не е реализиран разговор со раководството на ОКТА, но дека очекува денес да се реализира и очекува разбирање од нивна страна.
OhridNews













